Достапни линкови

Северна Кореа закана за глобалната стабилност


Командантот на американските сили во Јужна Кореа генерал Леон Ла Порте денеска изјави дека Северна Кореа претставува закана за глобалната стабиллност и трн во напорите да се изнајде мир во тој регион.

„Денес, постојната воена демаркациона линија меѓу Северна и Јужна Кореа е највооружена граница во светот и арена на потенцијален судир. Северно корејската војска предизвикува многу закани за глобалната стабилност.“

До овој коментар на генерал Ла Порте дојде само ден пред најавените разговори меѓу претставници на Соединетите Држави, Кина и Северна Кореја што треба да се одржат во Пекинг. На нив ќе стане збор за севернокорејската нуклеарна програма. Генерал Ла Порте додава дека токму таа програма претставува светска закана, бидејќи со неа може да се развива нуклеарно оружје. Претходно и портпаролот на американскиот Стејт департмент Ричард Баучер рече дека Вашингтон се обидува да изнуди договор од Пјонг Јанг да се откаже од својата нуклеарна програма.

„Ситуацијата создадена од овие нуклеарни оружени програми значи дека Северна Кореа губи многу од она што ние може да и го понудиме. Затоа најзначајно прашање е како Северна Кореа да ја корегира таа ситуација.“

Баучер соопшти дека американската делегација на разговорите во Пекинг ќе биде предводена од помошник државниот секретар Џејмс Кели.
XS
SM
MD
LG