Достапни линкови

Пратениците велат дека се отворени, граѓаните незадоволни


Колку на граѓаните во државава им се отворени вратите на Собранието? Подготвени ли се парламентарците да ги чујат нивните проблеми и да разговараат за проблемите во изборната единица од која се избрани. Еве што велат парламентарците:

„Ги сослушуваме, дневно по десетина луѓе, ќе дојдат од разични места, секој си ги кажува своите проблеми и сме отворени. Од нив сме избрани, за нив и постоиме,“

потенцира Михајло Георгиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Како пратеник во опозиција тешко нешто можам да им помогнам. Сум подготвен да соработувам со граѓаните, и било кој граѓанин што се обратил кај мене, јас со задоволство сум го примил и сум го слушнал,“

изјавува Илијаз Халими од ДПА.

Тука сум секогаш кога има потреба од мене, потенцира и пратеникот Аднан Ќахил:

„Ги примавме сите граѓани и се обидувавме со нашите пратенички прашања со наши иницијативи во законодавниот дом да придонесеме баш за таа атмосфера, за непосредност.“

И владеачката СДСМ без разлика на обврските има време да ги ислуша проблемите на граѓаните, изјавува Славица Грковска од СДСМ:

„Јас не сум престанала да комуницирам со граѓаните откако завршија изборите.“

Што велат, пак, граѓаните?

„Не се отворени како што треба, може и поубаво да бидат и да расчистат многу работи. Ако јас почнам да зборувам тоа ќе биде многу.“

„Ниту не слушаат, ниту се интересираат за нашето мислење.“


„Нели ветија дека ќе има и отворена канцеларија, дека че комуницираат со граѓаните, јас мислам дека таа канцеларија после 20 години ќе ја отворат. А, сега за сега тие си се одредена група на луѓе, кога ќе влезат во собрание тоа им е, и си вршат и приватни бизниси, и затоа ни е државата до тука.“

Да нема дилеми за тоа колку собранието е отворено за граѓаните кон крајот на месецов граѓанската асоцијација „Мост“ ќе организира трибини за директно соочување на граѓаните со пратениците од нивната изборна единица.

„Од една страна тоа е добро за граѓаните затоа што ќе имаат сознание за тоа што може да ги прашаат пратениците, на кој начин да им се обратат и да се најдат можностите за комуникација. А, од друга страна пратениците ќе добијат инпут за тоа што се потребите и проблемите на граѓаните и можните начини на нивно решавање,“

вели Снежана Ѓорѓевска претседател на граѓанската асоцијација „Мост“.
XS
SM
MD
LG