Достапни линкови

Вашингтон инсистира сојузниците да имаат клучна улога во поствоен Ирак


Иднината на поствоен Ирак меѓу англо-американската коалиција и Обединетите Нации. Додека Франција, Германија и Русија инсистираат на клучна улога на Светската организација, официјален Вашингтон останува на ставот дека сојзниците треба да бидат водечки актери во привременото раководење со Ирак.

Американскиот заменик-секретар за одбрана Пол Волфовиц вели дека улогата на Обединетите Нации во поствоен Ирак ќе биде детерминирана од Соединетите Држави и сојузниците, во договор со ирачкиот народ. Тој, на сведочењето во Комитетот на американскиот Сенат за армиски прашања, прецизираше зошто Соединетите Држави не сметаат на Обединетите Нации во формирањето на новата ирачка влада:

„Не мислам дека ние сакаме да видиме иста ситуација како на пример, во Босна, каде што осум години по Дејтонскиот договор, Обединетите Нации се уште раководат во таа земја. Ние сакаме да видиме ситуација во која моќта и одговорноста ќе бидат трансформирани до ирачкиот народ што е можно побргу.“

Изјави Волфовиц, додавајќи дека Вашингтон сака да одбегне Ирак да стане, како што рече, постојана грижа на меѓународната заедница. Тој обелодени дека Соединетите Држави имаат план од три фази за транзицијата на власта во Ирак. Во првата, земјата ќе биде управувана од Канцеларија за реконструкција и хуманитарна помош, а контролата ќе ја имаат сојузничките сили. Во втората – ќе се формира привремена влада составена од различни ирачки религиозни и етнички групи, како и од оние ирачани што се во егзил. Финалната фаза е создавање ирачка влада која ќе ја има целосната контрола во земјата. Во врска со дводневниот самит на Русија, Франција и Германија, кои се противат на американската политика спрема Ирак, Волфовиц рече:

„Мислам дека тие би требало да разгледаат дали не би било подобро да заборават нешто или се од она што е ирачки долг спрема нив. Така, новата ирачка влада нема да биде обремената со тоа.“

Се верува дека Ирак им должи неколку милијарди долари на Русија, Германија и Франција. Рускиот аналитичар Виктор Кременјук вели дека Путин, Шредер и Ширак на нивниот состанок ќе се обидат да најдат одговор на прашањето дали нивната обединетост ќе може да им послужи на нивните безбедносни и економски интереси:

„Најважната цел би требало да е разјаснувањето дали сегашното преклопување на нивните заеднички интереси е привремено или има нешто посеризно зад тоа. Со други зборови, дали е можно врз основа на сегашното нивно совпаѓање да градат долгорочна политика.“

Тоа, според експертите, сепак би било можно само доколку Русија, Германија и Франција се подготвени на компромис со Соединетите Држави и Британија околу сегашното главно прашање – каква да биде улогата на Обединетите Нации во поствоен Ирак.
XS
SM
MD
LG