Достапни линкови

Продолжуваат акциите на американските сили во Багдад


Американските сили ги продолжуваат акциите во делови од Багдад за совладување на отпорот на преостанатите ирачки сили, кои сеуште му се лојални на Садам Хусеин, чија судбина и натаму е неизвесна. Во близина на една од претседателските палати дошло до жестоки престрелки, при што еден американски маринец загинал, а 13 биле ранети. Сеуште е нејасно со колкав отпор се соочуваат сојузничките сили во Багдад. Ирачкиот амбасадор во Обединетите Нации Мухамед Ал Дури во Њујорк оцени дека војната е завршена.

„Играта е завршена. Се надевам дека мирот ќе преовлада. Во секоја војна има победници и поразени.“

Американскиот секретар за одбрана Доналд Рамсфелд изјави дека славењето на слободните Ирачани низ улиците на Багдад и уривањето на статуите на Садам Хусеин се историски моменти, како оние од времето на паѓањето на Берлинскиот Ѕид.

„Ирачаните го гледаат прогресот на сојузниците и го губат стравот од режимот, а тоа беше очигледно во Багдад.“

Меѓутоа, и покрај прославите низ улиците, Рамсфелд оцени дека престојат уште борби и околу Багдад и во други градови во Ирак и оти сојузничките сили треба да ги пронајдат локациите каде што има оружје за масовно уништување. Сојузничките сили сега се фокусирани врз фронтот во северен Ирак. Цел на воздушните напади е градот Тикрит, а курдските сили, со американска подршка напредуваат кон градовите Мосул и Киркук. Претставникот на курдската демократска партија Хошијар Зебари изјави дека ирачките сили ги напуштаат одбрамбените позиции.

„Тоа покажува дека ирачката армија е целосно деморализирана. Во спротивно, тие немаше да отстапуваат толку лесно.“

Ирачкиот опозиционен лидер Ахмед Шалаби побара од американците да го испратат во Ирак цивилниот администратор Џеј Гарнер што е можно поскоро поради многубројните проблеми во земјата. Рамсфелд изјави дека Гарнер ќе замине за Багдад кога борбите ќе престанат. Во формирањето на транзиционата власт во Ирак ќе учествува и Австралија, изјави премиерот Џон Хауард, оценувајки дека ирачкиот режим е соборен.

„Не велам дека војната е завршена, но може да се каже дека му е ставен крај на режимот, а ирачкиот народ му покажа на светот што мисли за тој режим.“

Хауард оцени дека во пост-воен Ирак Обединетите Нации можат да имаат само ограничена улога, а транзиционата власт ќе ја предводат оние што војуваа.
XS
SM
MD
LG