Достапни линкови

Американски тенкови на централниот плоштад во Багдад


Над 20 американски тенкови и воени возила денеска ги завзеле позициите на централниот плоштад во Багдад, а британската влада соопшти дека ирачкиот режим веќе не го контролира градот. Американските војници ги повикуваат жителите на Багдад да не пукаат. Според извештаите од теренот, локалното население во градот ги поздравува сојузничките сили и веќе го прославува паѓањето на режимот. Меѓутоа, има масовни грабежи на напуштените објекти, поради моменталното безвластие. Низ улиците на Багдад нема ниту ирачки војници, ниту полицајци. Портпаролот на централната американска команда во Катар, Френк Торп изјави дека е рано за да се каже дека е окончана битаката за Багдад и за соборување на режимот.

„Мислам дека е рано да се зборува за крај на операциите. Можеби ќе има уште битки на фронтот, меѓутоа ирачките сили веќе не можат да пружат организиран отпор.“

Британскиот воен портпарол Ал Локвуд денеска потврди дека бил ракетиран штабот на ирачките лидери во Багдад, но оти сеуште не е позната судбината на Садам Хусеин.

„Според разузнавачките податоци со кои располагаме, пред нападот Садам Хусеин влегол во зградата, но сеуште не го знаеме исходот.“

Во северен Ирак, продолжуваат воздушните напади врз Тикрит, а американско-курдските сили ги освоиле стратешките позиции околу градот Мосул.
XS
SM
MD
LG