Достапни линкови

Жестоки борби во центарот на Багдад


Во центарот на Багдад, како што јавуваат агенциите, од изутрината се воделе жестоки борби, а американските авиони го надлетувале градот. Истрели се слушале околу претседателската палата која американските сили ја опколија во текот на вчерашниот ден. Ројтерс јавува дека американските сили денеска за прв пат ја минале реката Тигар и се приближувале кон владините згради во сверниот дел на Багдад. Американската централна команда соопшти дека претходно биле бомбардирани цели каде што, според разузнавачки извори, би можело да се наоѓаат Садам Хусеин, неговите синови и другите ирачки раководители.

„Сојузничките сили оперираат во и околу Багдад, на копно и од воздух. Режимските лидери се изолирани. Кругот се затвора и нивните опции се намалуваат.“

Изјави американскиот секретар за одбрана Доналд Рамсфелд. Ирачкиот министер за информации Саед ал Сахаф, говорејќи пред хотелот Палестина каде што се сместени странските новинари и кој бил неколку пати погоден во денешната престрелка меѓу ирачките и американските сили, рече дека сојузниците ќе бидат уништени.

„Тие или ќе се предат или ќе бидат запалени во нивните тенкови.“

На југот од Ирак, како што соопшти британскиот капетан Ал Локвуд, британските сили, по двонеделна опсада, ја презеле контролата на поголемиот дел од Басра.

„Ние имавме многу успешна операција во Басра. Се уште има џепови на отпорот во стариот дел на градот и ние се справуваме со нив.“

На северот од Ирак, сојузничките авиони ги поддржуваат курдските сили во борбите околу Мосул и Киркук. Во меѓувреме, американскиот претседател Џорџ Буш и британскиот премиер Тони Блер во Белфаст, како што е соопштено, се согласиле дека ирачаните треба да раководат со земјата и оти двајцата лидери немале разлики околу улогата на Обединетите Нации во обновата на Ирак по завршувањето на непријателствата. Овие деманти дојдоа по некои најави на Лондон дека Блер ќе побарал од Буш поголема улога на Светската организација, што е во спротивност со сегашните намери на Вашингтон, таа улога да биде лимитирана само на хуманитарно поле. И генералниот секретар Кофи Анан е за поважно вклучување на Обединетите Нации во поствоен Ирак.

„Очекувам Обединетите Нации да играат важна улога. Обединетите Нации имаат добро искуство на тоа подрачје, како во врска со формирањето нова администрација, така и во реконструкцијата и работата со земјите кои сакаат да донираат средтва во Ирак.“

Анан додава дека вклученоста на Обединетите Нации е битна за, како што рече, легитимизирање на ирачката обнова. Тој изрази оптимизам дека во Ирак бргу ќе биде етаблирана нова политичка структура. Притоа Анан забележува дека Ирак не е како Косово и Источен Тимор каде што Светската Организација работи на формирање кредибилна власт. Во Ирак веќе постојат цивилни службеници, инжењери и други професионалци способни да ја преземат политичката иднина на земјата, - смета Анан, кој соопшти дека ќе наименува негов специјален советник за Ирак. Станува збор за пакистанскиот дипломат Рафеудин Ахмад. Најавено е дека Анан во текот на неделава ќе ги посети Британија, Франција, Германија и Русија на продолжување на разговорите за Ирак.
XS
SM
MD
LG