Достапни линкови

Сојузниците ги зацврстуваат позициите околу Багдад


Во Багдад и денеска се слушаат експлозии, додека американските сили го опколија главниот град на Ирак, ден по првото влегување во градот. Според денешните агенциски вести, артилериски оган се слуша од југозападниот дел на Багдад во правец на аеродоромот.
Дописникот на Радио Слободна Европа Рон Синовиц јавува дека американските тенкови и вооружени возила од правецот на реката Еуфрат ги засилуваат позициите на коалиционите сили околу Багдад.

„Третата пешадиска дивизија на американската армија денеска е повторно во движење. Една борбена бригада ја минува реката Еуфрат и се движи кон Багдад. “

Дополнителните сили како што јавува дописникот на радио Слободна Европа за 30 проценти ќе го зголемат бројот на војниците околу Багдад, што според воените команданти, ќе ја зголеми нивната флексибилност во борбите. Движењето доаѓа по новиот бран експлозии вклучувајки го и артилериското бомбардиорање врз јужниот дел на градот. Американските сили тврдат дека ја имаат контролата врз меѓународниот аеродром кај Багдад каде што имаат седум илјади војници. Ирачкиот министер за информации Мохамед Сахаф вчера изјави дека Багдад е под цврста контрола и оти ирачките сили ја повратиле контролата и врз меѓународниот аеродром што сојузниците го зазедоа во петокот. Од друга страна американскиот генерал мајор Виктор Риноарт изјави дека вчерашните операции покажале дека американците можат да влезат во Багдад кога и да посакаат. Генералот Мајкл Мосли пак соопшти дека коалиционите воздушни сили воспоставиле 24 часовни патроли над Багдад за да одговорат на потребите на силите на теренот. Ирачката телевизија соопшти дека властите во Багдад го забраниле јавниот сообраќај во градот од 18 часот денеска до 6 часот утре по локално време. Ројтерс јавував дека многу цивили со автомобили ноќеска го напуштале Багдад, барајки безбедност во позадината на американските борбени линии или бегајки на север. Денеска улиците на градот биле пусти, а продавниците биле затворени. Порпарол на Пентагон изјави дека одлуката на ирачките власти за нема да има влијание врз активностите на сојузничките сили. Ирачката телевизија синоќа прикажа снимки од состанок на Садам Хусеин со синовите Касаи и Удаи и воените команданти. Засега не може да се потврди од кога датира снимките. Претходно беше упатена порака од ирачкиот лидер во која се бара од вооружените сили и обичните граѓани да им пружат отпор на напаѓачите. Во текот на ноќта асошиетед прес пак јави дека на улиците на Багдад имало луѓе, а дека војниците на републиканската гарда копале нови ровови и ги обновувале веќе постојните.
XS
SM
MD
LG