Достапни линкови

Сојузничките сили продолжуваат да напредуваат


Американските и британските трупи го продолжуваат напредувањето кон Багдад со, како што јавуваат западните новински агенции, мал отпор од ирачката армија. Колоната од две илјади тенкови, борбени коли и камиони, своето движење го започна синоќа од кувајтската граница и според некои информации, изминала сто и пеесет километри од патот кон Багдад што се наоѓа на петстоини километри од границата. Ирачкиот министер за информации Саед ал Шахаф на денешната прес конференција ги демантираше ваквите информации.

„Она што тие го спомнуваат за нивното навлегување, велат стотина милји, не е вистина. Тие не успеле да влезат ни неколку километри од границата.“

изјави ал-Шахаф, додавајќи дека во воздушниот напад врз резиденцијата на Садам Хусеин никој од неговото семејство не бил повреден. Претходно, портпаролот на британската војска Ал Локвуд изјави дека за неколку дена сојузничките сили би можеле да влезат во Багдад. Репортерот на Радио Слободна Европа во Кувајт Чарлс Рекнајгел вели дека информациите за движењето на сојузничките сили се ограничени:

„Информациите за она што го прават се многу лимитирани тука во Катар каде што американската централна команда има регионален штаб. Северниот дел на Кувајт е запечатена зона, освен за репортерите кои со трупите влегоа во Ирак.“

Со американската Трета пешадиска дивизија е и нашиот дописник Рон Синовиц:

„Ние сега сме во јужен Ирак и се движиме. Се возиме. Единствени ирачани што досега имам видено се бедуини. Многу од нив ги следат инструкциите да не прават инциденти. Досега немаше никаков директен контакт со непријателските сили.“

Британскиот министер за одбрана Џеф Хун денеска потврди дека сојузничките сили наишле на силен отпор во освојувањето на важното ирачко пристаниште Ум Касар. Тој додаде дека британските трупи успеале да го освојат полуостровот Фао.

„Паѓањето на полуостровот беше обезбедено според планираното, од четириестина британски командоси и без штети на нафтената инфарструктура.“

Претходно претставник на британската армија соопшти дека осум британски и четворица американски војници загинале откако се урнал нивниот хеликоптер. Тој додаде дека нема докази оти хеликоптерот бил цел на напријателски оган. Си-Ен-Ен прикажа снимки на заробени ирачки војници од страна на британските сили. Не се посочува местото каде што тие биле заробени. Официјален Багдад демантира дека тоа биле припадници на ирачката војска. Но, британскиот премиер Тони Блер денеска во Брисел рече:

„Има знаци за продолжување на ирачкото дезертирање и за поделба на сите нивоа на режимот. Но верувам дека нашите сили ќе се соочат со отпор.“

Блер изрази задоволство од поддршката што некои еврепски земји и ја даваат на коалицијата. Од друга страна, рускиот претседател Владимир Путин оцени дека ирачката криза ќе се одрази врз безбедноста во регионот.

„Ние веруваме дека кризата веќе ги надмина рамките на локален конфликт и денеска станува потенцијален извор на нестабилност во регионот.“
XS
SM
MD
LG