Достапни линкови

48 часовен ултиматум за Хусеин


Одбројувањето започна. Американскиот претседател Џорџ Буш му постави ултиматум на ирачкиот лидер Садам Хусен – ако за 48 часа не го напушти Ирак ќе се соочи со американски воен напад. Багдад го отфрли ултиматумот.

Во телевизиското обраќање, во минатата ноќ, Џорџ Буш изјави дека доколку Садам Хусеин и неговите синови не го напуштат Ирак до среда навечер тоа ќе води кон оружен судир.

„Сите декади на измами и на свирепост сега завршуваат. Садам Хусеин и неговите синови мора да го напуштат Ирак за 48 часа. Нивното одбивање да го сторат тоа ќе резултира со воен судир во време што ние ќе го одбереме. За нивна сопствена безбедност, сите странски државјани, вклучувајќи ги и новинарите и инспекторите, би требало веднаш да го напуштат Ирак.“

Во говорот Буш ги повика ирачките војници да не се борат против Соединетите Држави и нивните сојузници, да не го употребуваат оружјето за масовно уништување и да не ги уништуваат нафтените полиња во земјата. Обраќајќи му се на ирачкиот народ Буш рече:

„Имам порака за нив: Ако мораме да започнеме воена кампања, таа ќе биде насочена против незаконските луѓе кои ја водат вашата земја, а не против вас.“

Буш го оправда нападот цитирајќи ги претходните резолуции на Обединетите Нации со кои се бара ирачко разоружување, повторувајќи дека режимот во Багдад поседува оружје за масовно уништување и одржува врски со терористите. По говорот на Џорџ Буш, до кој дојде по колапсот на дипломатските напори во Обединетите Нации да се постигне договор за нова резолуција, ирачкиот амбасадор во Светската организација Мухамед Ал Дури изјави дека неговата земја го отфрла ултиматумот:

„Се соочуваме со војна. Тоа е прашање што се однесува на Ирак, на ирачкиот народ, а не на ирачкиот претседател. Целото општество е во опасност. Нашите деца ќе бидат убивани, нашето општество ќе биде уништено. Значи ова е прашање на 25 милиони.“

Ал Дури оцени дека ултиматумот претставува, како што рече, многу лошо решение за Ирак, за регионот и за Соединетите Држави. Францускиот претседател Жак Ширак изјави дека светот не го поддржува ултиматумот и оти Вашингтон ќе преземе голема одговорност доколку ги игнорира Обединетите Нации и меѓународното мислење. Ширак смета дека бушовиот ултиматум е еднострана одлука. Против употребата на сила се изјаснија и Москва и Пекинг, додека Индонезија, оцени дека воената интервенција ќе предизвика гнев кај муслиманите во светот. Од друга страна, јапонскиот премиер Џуничиро Коизуми изјави дека војната била неизбежна.

„Ја поддржувам американската политика. Јапонија нема да учествува во воените операции, но ќе му помогне на Ирак по војната.“

Поддршка даде и Австралија чија влада донесе одлука две илјади австралиски војници да учествуваат во воениот напад врз Ирак. Британскиот парламент денеска се изјаснува за предлогот на премирот Тони Блер кој се соочува со оставки на неговите министри во врска со ирачката криза, дали да испрати 45 илјади британски војници во Заливот.
XS
SM
MD
LG