Достапни линкови

Уапсени 56 лица членови на „Земунската мафија“


Властите во Белград соопштија дека уапсиле 56 членови на криминалната група за која постои сомневање дека е зад атентатот врз српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ. Но, според полицијата, меѓу нив не се главните тројца осомничени.

Српскиот заменик премиер Жарко Кораќ изјави дека оние што се зад атентатот имаат јасен политички план: да ја дестабилизираат државата, да предизвикаат политички конфликти и да ја попречат работата на владата и парламентот. Тоа, според Кораќ, би требало да доведе до нови избори со цел враќање на тие сили на власт. Српската влада веднаш по атентатот врз Џинџиќ издаде потерница по членовите на, како што се наведува, најголемата организирана криминална група во регионот на поранешна Југославија. Станува збор за таканаречениот Земунски клан за кој постои сомневање дека е одговорен за над триста кривични дела, вклучувајќи тука: пеесетина убиства, обиди за атентати, киднапирања, шверц со дрога и бело робје. Некои од главните на тој клан имаат прекари исти на оние од американската мафија во почетокот на минатиот век. Се наведува дека нивен шеф е Милорад Луковиќ познат како Легија – поранешен припадник на француската Легија на странците кој како водач на озлогласените Црвени беретки се борел во Хрватска, Босна и на Косово. Неговите сили му дадоа поддршка на Зоран Ѓинѓиќ во октомври две илјадитата со тоа што одбија да ги спроведат наредбите на Слободан Милошевиќ да ги спречат протестите на опозицијата. Но, во следната година, кога Џинџиќ нареди испорачување на Милошевиќ на Хашкиот трибунал, Луковиќ застана против таквиот потег. Белгардскиот експерт за меѓународно право Воин Димитриевиќ забележува:

„Очигледно, Зоран Ѓинѓиќ ќе влезе во историјата како српски Кенеди и затоа впрочем е убиен. Тоа е политичко убиство – отстранување на еден многу важен човек. Но, ако сега сите ние се уплашиме, тогаш овој терористички акт ќе не парализира и ќе ја претвори земјата во Сомалија.“

Црногорскиот експерт Небојша Медојевиќ е скептичен за тоа дали српската влада ќе има сила да се справи со организираниот криминал се додека во земјата се кријат лицата обвинети за воен криминал.

„Ако државните органи и полтичката елита на Србија покажат цврстина и имаат сила да се соочат со овие проблеми, тогаш соработката со Хашкиот трибунал нема да биде забавена, туку дополнително ќе биде интензивирана. Србија на таков начин практично ќе го реши својот внатрешен безбедносен проблем. Но, јас не сум сигурен дека државните органи имаат доминација.“


вели Медојевиќ. Тесните врски меѓу криминалците од една и политичарите и армиските и полициските команданти од друга, велат експертите, не исчезнале со паѓањето на режимот на Милошевиќ.
XS
SM
MD
LG