Достапни линкови

Продолжува дипломатската потрага на САД и Британија по девет гласа


Во Обединетите Нации продолжуваат интензивните американско – британски дипломатски во потрагата по девет гласови во Советот за безбедност. Тие се неопходни за да биде поддржана нивната резолуција со која се расчистува патот за воена интервенција врз Ирак.

Администрацијата на американскиот претседател Џорџ Буш го отфрли предлогот на шесте членки на Советот за безбедност: Ангола, Камерун,Чиле, Гвинеја, Мексико и Пакистан, да му бидат дадени на Ирак уште 45 дена за да ја покаже својата соработка околу барањата за негово разоружување. Портпаролот на Белата Куќа Ари Флејчер оцени дека оваа идеја е неоснована. Тој повтори дека Вашингтон се уште очекува оваа недела во Советот да биде спроведено гласање за таканаречената воена резолуција.

„Претседателот мисли дека има малку простор, но не и многу време за уште дипломатија. Секоја сугестија од триесет или четириесет и пет дена не е поттикнувачка.“

рече Флејчер, додавајќи дека претседателот Буш верува оти Ирак е директна закана за Соединетите Држави. Како што е познато, и во случај да бидат обезбедни девет гласови, Америка и Британија се уште се соочуваат со заканата од тројно вето во Советот за безбедност: од Русија, Франција и Кина. Британскиот премиер Тони Блер, како што е соопштено во Москва, во телефонскиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин бил уште еднаш информиран за рускиот став оти инспекторите за оружје во Ирак имаат конкретни резултати и дека нивната работа треба да продолжи. Премиерот Блер деновиве се соочува со растечки притисок од домашната јавност, но и од неговите сопартијци, против воената интервенција врз Ирак доколку таа не биде одобрена од Обединетите Нации. Посматрачите оценуваат дека токму затоа американскиот секретар за одбрана Доналд Рамсфелд вчера изјави оти Соединетите Држави би можело да го нападнат Ирак и без британска помош.

„Доколку тие можат да учествуваат во случај претседателот Буш да реши да употреби сила – тоа ќе биде добредојдено. Во спротивно, тие не би требало да бидат иволвирани во воените дејства.“


По оваа изјава на Рамсфелд, од кабиентот на Блер беше соопштено дека постои целосна соработка меѓу Британија и Соединетите Држави во планирањето на евентуалната војна и оти двете земји се уште бараат поддршка за нова резолуција во Советот за безбедност. Таму пак, и денеска продолжува јавната расправа за ирачката криза во која повеќето од членките се изјаснија против воената опција. По расправата нема да уследи гласање, туку таа само им дава можност на сите кои тоа го сакаат да го изнесат својот став во врска со проблемот. Како и претходните две расправи, и оваа ја побараа членките на Движењето на неврзаните со кое во моментов претседава Малезија.
XS
SM
MD
LG