Достапни линкови

Меѓународната заедница останува поделена


Американскиот државен секретар Колин Пауел и шефот на инспекторите на Обединетите Нации Ханс Бликс со различни погледи околу ирачкото разоружување. Меѓународната заедница и натаму поделена.

Ханс Бликс изјави дека Ирак во изминатиов месец ја зголемил соработката и оцени дека уништувањето на ракетите Ал Самуд Два претставува вистинско разоружување. Бликс утре треба на Советот за безбедност на Обединетите нации да му поднесе уште еден извештај за кој се смета дека клучен за евентуалниот напад врз Ирак. Во извештајот, како што рече Бликс, ќе биде поместена и листа на отворени прашања во врска со ирачкото разоружување.

„Јас нема да бидам таму за да им дадам извештај дизајниран со цел да преземат ваков или онаков политички чекор. Можам да видам дека некои луѓе се изритирани од тоа.“

рече Бликс. Од своја страна, за американскиот државен секретар Колин Пауел ирачките напори не се доволни. Тој повтори дека Ирак ќе биде разоружан:

„Последната можност да се постигне тоа со мирни средства останува на Садам Хусеин дури и во овој доцен час. Она што сигурно го знаеме е дека Хусеин ќе биде разоружан. Единственото отворено прашање сега пред нас е на каков начин.“

Според Пауел, ирачкиот режим продолжува да ја мами и да ја дели меѓународната заедница. Тој оцени дека никој не сака да живее во свет каде што Обединетите нации не значат ништо и го обвини Садам Хусеин дека се обидува да го подели Советот за Безбедност. Ако поделбите продолжат, тоа ќе го убеди Хусеин дека е во право, рече Пауел. Претходно, во Париз шефовите на дипломатиите на Франција, Русија и Германија го потврдија нивниот став дека нема да дозволат нова резолуција со која се отвора патот за воена интервенција врз Ирак.

„Нема да дозволиме нацрт резолуција со која се одобрува употреба на сила. Русија и Франција како постојани членки на Советот за безбедност ќеги продолжат нивните активности во таа насока. “

изјави по средбата во Париз францускиот министер за надворешни работи Доминик де Вилпен. Меѓутоа, како што забележаа посматрачите, ниту тој ниту шефот на руската дипломатија не спомнале вето за новата резолуција. И официјален Пекинг денеска соопшти дека е прерано да се покренува прашањето за кинеското вето во Советот зе безбедност. Сепак, министерот за надворешни работи Танг Џијаксуан изјави дека нема потреба од дополнителна резолуција за ирачкото разоружување и оти инспекторите на Обединетите Нации би требало да ја продолжат работата во Ирак.
XS
SM
MD
LG