Достапни линкови

Локалните Срби прават сојуз на општините, Албанците протестираат за апсењата


Во последно време политичката и безбедносната ситуација во и околу Косово се влоши. Претставниците на локалните Срби преземaат акција за обединување на нивните општини во српски ентитет, а локалните Албанци протестираат поради апсењето на четворица обвинети за воени злосторства.

Српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ изјави дека Косово е национален и безбедносен проблем кој мора да биде решен. Тој важноста на Косово за Белград ја спореди со онаа што администрацијата на Џорџ Буш и ја дава на Ирак. Во интервју за весникот на српски јазик Вести што излегува во Франкфурт, Џинџиќ предлага поделба на Косово во две етнички заедници – српска и албанска, двете со еднакви права. Тој од неодамна заговара брзо решавање на идниот статус на Покраината. Бидејќи меѓународната заедница само одговара на кризни ситуации, мојата цел е Косово да се етаблира како политички критично, вели во интервјуто за Вести српскиот премиер. Ова негова забелешка дојде откако косовските Срби формираа сојуз на општините на каде што мнозинско население е српското. Лидерите на етничките Албанци се сомневаат дека зад овој чекор е Белград, а шефот на УНМИК Михаел Штајнер веднаш ја отфрли оваа одлука на Србите.

„Тоа е против декларираната интeнција, постигната со консензус на меѓународната заедница и Советот за безбедност дека не би требало да го инструментализираме Косово за внатрешни цели.“

Според Штајнер, тоа е обид за создавање нови паралелни структури базирани врз етничка основа и е директно против мултиетничкиот концепт за Косово. Илбер Хиса политички аналитичар од Приштина вели:

„Секако, косовските Срби, со согласноста да бидат водени и претставувани од Белград, си го одзедоа правото да бидат субјекти и партнери во разговорите со Албанците и другите граѓани на Косово. Од тој аспект тие направија чекор што нема многу да им помогне, бидејќи со секој ден стануваат инструмент во рацете на белградските политичари.“

Драган Јоциќ - член на претседателството на Демократската партија на Србија на шефот на државата Воислав Коштуница е скептичен околу новата српска унија на северот на Косово.

„Јас не гледам тука дека тие три општини и таа мала територија би биле корисни за српскиот корпус, бидејќи тоа е еден територијален принцип. Се плашам дека идејата на премиерот за некои мали територии би можело да доведе до истата судбина како што ја дожвеаја САО Книн и Славонија.“

Од друга страна, Зоран Лутовац политички аналитичар од Белград и советник на Зоран Џинџиќ смета дека забелешките на српскиот премиер ја рефлектираат потребата да се забрза решавањето на Косовското прашање:

„Значи не е дека преку ноќ ќе се реши или по итна постапка нешто се решава и тоа надвор од она што е меѓународна рамка. Токму спротивното. Желба е она што е зацртана цел – тоа е зачувување на мултиетничко Косово. Создавањето еден вид мрежа на српските општини ќе биде поттик за србите да останат таму.“

изјави Лутовац.
XS
SM
MD
LG