Достапни линкови

Транспарентна продажба на пакети акции


По принципот на јавна берзанска аукција државата планира до крајот на годината да се ослободи од сеуште неприватизираниот капитал, кој според веќе утврдената номинална вредност се проценува на 453 милиони евра. Зголемената транспарентност и исклучената можност субјекти да ја утврдуваат цената на акциите ќе бидат основните принципи во заокружувањето на десет годишниот процес на приватизација.

„Овде нема никакви услови било кој од државата, дали агенцијата за приватизацијата или министерството за економија или било кој поединец да влијае на цената,“

е ставот на министерот за економија Илија Филиповски. Главните проблеми на досегашната приватизација беа, долгиот процес кој трае една деценија, ниската транспарентност што овозможи договорени продажби и големата дисперзираност на капиталот, 38 насто од акциите се наоѓаат во сопственост на работниците.

„Акциите ќе се продаваат исклучиво во пакет, со таканаречениот налог на продажба се или ништо. Однодно, не би се раздробувал пакетот што ќе биде во функција на поттикнување на концентрација на сопственоста,“

вели Матилда Димова претседател на УО на Агенцијата за приватизација.

За доприватизација во најголем дел ќе остане неатрактивен капитал, што значи од финиширањето на процесот не може да се очекуваат значајни финансиски ефекти.

„Кај овие фирми каде што има лоши портфолија веројатно ќе одиме подоцна и ќе стартуваме со пониски цени. Некаде можеби ќе имаме и такви фирми каде што ќе стартуваме со почетна цена од едно евро,“

констатира првиот човек на агенцијата за приватизација Бошко Стефановски.

Со оглед на неквалитетниот капитал на она што останува да се доприватизира Филиповски ја влече тезата дека не е реално Агенцијата за привазација д асе трансформира во посебен инвестиционен фонд кој би раководел со акциите, идеја која беше застапувана од министри во владата на Георгиевски.

„Портфлио со квалитет на претпријатија во стечај и пред стечај апсолутно нема никаков интерес за формирање на такив инвестиционен фонд,“

вели Филиповски.

Првата трансакција според новиот модел се очекува да биде реализирана во првата недела на месец април кога се очекува да бидат вградени и измените во законот за приватизација.

Доколку до крајот на годината дел од државните акции останат непродадени тие ќе бидат префрлени како капитал во пензискиот фонд, додека државниот имот во вид на згради и објекти ќе помине во сопственост на јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор.
XS
SM
MD
LG