Достапни линкови

Не може да ја делите економијата со ЕУ, а безбедноста со САД


Треба да имате на ум дека не е можно да ја делите економијата со ЕУ, а безбедноста со САД, рече во Скопје претседателот на Европската комисија Романо Проди не криејќи дека е разочаран од позицијата на земјите меѓу кои е и Македонија во светската дебата околу Ирак. Проди со став, ваквата позиција нема да ги загрози перспективите на земјите од Балканот за членство во унијата.

„Дојдов тука со јасна порака дека државите од западниот балкан се потенцијални кандидати и дека мислам дека ЕУ нема да биде комплетна доколку не ги вклучи земјите од овој регион. Значи, нашата врата е сосема отворена.“

Ваквата идеја, за која Проди тврди дека ја делат сите во ЕУ треба да биде и формализирана на самитот во Солун. Со вакви очекувања и претседателот Трајковски по разговорите со Проди.

„Моето размислување беше да очекуваме процесот на стабилизација и асоцијација да се забрза и зајакне. Бидејќи зајакнувањето на врските на земјите од ЕУ со земјите од западен балкан значи зајакнување или отворање на вистински процес на нивно интегрирање во ЕУ.“

А, за позицијата околу Ирак:

„Постои црвста решителност на меѓународната заедница режимот на Садам Хусеин да се разоружа. Можеби постојат разлики во приодот или тактиките, меѓутоа целта и стратегијата е иста на целокупната меѓународна заедница.“

Демонстрирајќи ја подготвеноста на ЕУ да помогне за успешна евро интеграција, претседателот на Европската Комисија им се обрати и на пратениците во собранието со оценката дека Македонија со изборите, рамковниот договор и спогодбата за стабилизација и асоцијација постигна голем напредок, но оти обемна работа сеуште претстои. Членството во унијата не е лесен процес, потребно е трпение и реализам. Но, доколку има јасен реформски процес тогаш ова прашање ќе биде успешно решено.
XS
SM
MD
LG