Достапни линкови

Оштетени делови од судот и околните објекти


Синоќа околу 23:15 часот во основниот суд во Струга се случи силна експлозија која предизвика голема материјална штета, а за среќа нема жртви и повредени. Од активирањето на моќната експлозивна направа чиј вид сеуште се утврдува, големо оштетување има во внатрешниот дел на неколку катови во судската зграда, каде во моментот на експлозијата немало никој, а оштетени се и повеќе околни објекти во радиус од над сто метри од судот.

Се работи за строгиот центар на Струга каде експлозивната направа била поставена на еден столб од судот во непосредна близина на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, поштата и општината, а на само стотина метри од полицијата.

Од силната детонација искршени се стаклата од сите околни објекти. Жителите на блиските куќи ни изјавија дека експлозијата која била со огромен интензитет многу ги исплашила, ги оставила без сон и им направила големи оштетувања во домовите, а ги нема и излозите на околните бутици и некои од продавниците.

На местото на настанот, увид извршија истражен судија и обвинител, а на утрвдување на видот на експлозивот работат екипи за анти-тероризам од МВР кои допатуваа од Скопје.

Стружани, за кои ова е втора експлозија во изминативе два месеци, видно вознемирени од синоќешниот настан се прашуваат што стои во неговата позадина. Во недостаток на официјални информации, синоќешната експлозија во Струга се толкува како порака и опомена, најверојатно упатена до струшките судски органи, а можно е настанот и политички да се инструментализира.
XS
SM
MD
LG