Достапни линкови

Вести

Рим: Романо Проди ги поддржува Франција и Германија

Претседателот на Европската Комисија Романо Проди изјави дека ги поддржува напорите на Франција и Германија да се изнајде мирно решение за ирачката криза. Се чини дека се консолидира фронтот кој оди во вистинска насока – избегнување на војната, вели Проди во денешното интервју за италијанскиот весник Кориере дела сера.

види ги сите денешни вести

Утре нова средба меѓу Заев и Гаши

Претседателот на Алтернатива Африм Гаши и премиерот Зоран Заев.

Претседателот на Алтернатива Африм Гаши и премиерот Зоран Заев утре ќе одржат нова средба во врска со прашањето дали Алтернатива ќе се вклучи во Владата, потврдуваат од партијата на Гаши.

Алтернатива по состанокот на Централното претседателството на 26 ноември донесе одлука да преговара за влез во Владата.

Портпаролот на Алтернатива Орхан Муртезани изјави дека на состанокот разговарале за политичката состојба и констатирале дека земјата е во длабока политичка, енергетска и здравствена криза и дека ќорсокакот предизвикува многу неизвесност.

Првата средба меѓу Заев и Гаши се одржа на 19 ноември, а следуваше откако гласањето на доверба на владата по барање на опозицијата не беше успешно поради непојавувањето на пратеникот од Беса Кастриот Реџепи, поради што и немаше мнозинство за гласање на Владата.

Mнозинството за гласање недоверба на Владата тогаш го најави ВМРО-ДПМНЕ заедно со Алтернатива, Алијанса за Албанците, Левица и доскоро владината Беса.

Тоа, пак, седуваше по одлуката на Зоран Заев да се повлече од позицијата претседател на СДСМ и премиер на државата. Тој оставките ги најави на 31 октомври, вечерта по одржувањето на вториот круг од локалните избори, на кои СДСМ изгуби од ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ на 26 номеври ја потврди оставката на Заев од позицијата лидер на партијта, но партијата претходно одлучи тој да ја одложи премиерската оставка, како што беше наведено, поради предизвиците со кои во моментов се соочува државата, како енергетската криза и пандемијата.

Во врска со оставката од премиерската функција, Заев денеска изјави дека тоа ќе зависи од преговорите за парламентарно мнозинство со Алтернатива.

„Ако тоа се заврши и се објави јавно, ќе се направи проценка со стабилно и зголемено парламентарно мнозинство, кога да се влезе во Парламентот со постапка за избор на Влада со Алтернатива, а во зависност од преговорите со Бугарија. Една од најзначајните причини поради кои Алтернатива би влегла во Влада, е да обебзеди стабилна Влада и стабилно мнозинство поради почеток на преговори со ЕУ“, изјави Заев.

Инаку, вчера првиот вицепремиер во Владата Артан Груби од партијата ДУИ, која е коалиционен партнер со СДСМ, изјави дека оставката на Заев од премиерската функција треба да почека, односно дека оваа Влада треба да го заврши својот мандат во 2024 година.

19 починати и 333 позитивни на коронавирус

Илустративна фотографија - ковид тест.

Во изминатото деноноќие се регистрирани 333 нови случаи на коронавирус, а 19 луѓее починале сите во болнички услови, соопшти Министерството за здравство.

Најмладите починати пациенти се на возраст од 32, 38 и 52 години, додека највозрасните на 91, 88 и 86 години.

Направени се 2.547 тестирања. Најмногу нови случаи има во Скопје – 152, Битола 33, Охрид 20, Кавадарци и Струмица по 16, Прилеп 14...

Регистрирани сe 309 оздравени пациенти. Бројот на активни случаи во моментов е 8.398.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во Северна Македонија од почетокот на епидемијата изнесува 215.009, бројката на оздравени пациенти е 199.064, на починати е 7.547.

Ковачевски - Имам големо искуство за позицијата претседател на СДСМ

Заменик-министерот за финансии и член на Извршниот одбор на СДСМ Димитар Ковачевски.

Актуелниот заменик министер за финансии и член на Извршниот одбор на СДСМ Димитар Ковачевски изјави дека не го загрижуваат коментарите дека е човек на актуелниот премиер Зоран Заев и „маша“ која треба да ги продолжи „погубните“ политики на СДСМ, како што го обвинува опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Не сум ничиј човек, туку човек со интегритет и големо професионално искуство соодветно за позицијата претседател на СДСМ“, вели Ковачевски во интервју за МИА.

Тој вчера објави дека ќе се кандидира за лидер на СДСМ, откако во петокот на 26 декември Централниот одбор на партијата му ја утврди оставката на Зоран Заев и распиша внатрепартиски избори за 12 декември.

Заев оставката од позицијата претседател на СДСМ, како и од премиерската функција, ја најави по поразот на партијата од ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори кои се одржаа во октомври. Но, тој и натаму е премиер на државата, бидејќи раководството на партијата неодамна одлучи дека неговата оставка треба да биде одложена поради предизвиците со кои се соочува државата, како енергетската криза и ковид пандемијата.

Ковачевски наведува дека „многу брзо“ ќе ги демантира „етикетите“ кои му ги дава опозицијата со тоа што, како што вели, ќе постигне резултати со работа.

„Мојот фокус е да донесам квалитетни промени кои граѓаните и нашите членови ги очекуваат, но и многу брзо ќе ги препознаат“, вели Ковачевски.

Тој додава дека државата освен решавањето на „историските проблеми со соседите“, треба да се фокусира и на клучните проблеми дома, на борбата со криминалот и корупцијата, реформи во судскиот систем, јакнење на економијата и подигнување на животниот стандард на граѓаните.

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска реагираа дека Ковачевски ги употребувал „истите празни фрази“ на Заев.

„И Заев ги ветуваше истите работи како и сега Ковачевски. Однапред се знае исходот“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку, од СДСМ по одржувањето на средбата на Централниот одбор на 26 ноември, не дадоа конкретен одговор на прашањето дали Заев на седницата го предложил Ковачевски за негов наследник.

Протести во Белград за чист воздух

Белград - Протест на екоактивисти против загадувањето на воздухот. 28.11.2021.

„Нѐ задушувате“ е пораката што беше пратена на денешниот протест во центарот на Белград, каде се собраа еколошки активисти и дел граѓани.

Демонстрантите побараа од надлежните проблемот со аерозагадувањето да биде решен. Протестот го организираше неформалната група граѓани „Еко-стража“.

Од почетокот на годината, апликацијата за мерење на квалитетот на воздухот „Air Visual“ во неколку наврати ги вклучуваше Белград и уште неколку градови во Србија на листата на најзагадени во светот. Прекумерното загадување го забележаа и мерните станици на Републичката агенција за заштита на животната средина.

„Нема да гледам како загадувањето им носи болести на моите деца или ги тера да бегаат“, рече на протестот Бојан Симишиќ од „Еко-стража“. Тој рече и дека загаденоста не мора да се мери бидејќи, како што наведе, се гледа.

Докторката Маријана Матејиќ Спасиќ во своето обраќање рече дека половина од сите годишни смртни случаи во Србија се срцеви заболувања, а дека околу 50.000 луѓе умираат од последиците од инфаркт и кардиоваскуларни заболувања.

„Загадувањето на воздухот игра важна улога во сето ова“, рече таа.

Од „Еко-стража“ рекоа дека на надлежните им даваат рок од еден месец за да реагираат, наведувајќи дека во спротивно следуваат блокади на сообраќајот.

По обраќањата на учесниците во собирот и читањето на прогласот со порака дека воздухот во Србија „има размери на хуманитарна катастрофа“, учесниците поминаа покрај главните државни институции, како Собранието и Претседателството.

Косовската влада нуди парична награда за информации во врска со тројното убиство

Премиерот на Косово Албин Курти.

Косовската влада предводена од премиерот Албин Курти нуди награда од 20.000 евра за информација во врска со пукањето во автобусот кај Дечани, во кое загинаа три лица.

Престрелката се случи вечерта на 26 ноември во местото Глоѓани, во општина Дечани, на околу 100 километри од Приштина. Засега не е познат мотивот за нападот. Во престрелката загина возачот на автобусот и двајца ученици.

Едно лице е повредено, но е надвор од животна опасност. Косовската полиција соопшти дека постои сомневање оти кон автобусот било пукано од огнено оружје АК-47.

„Апелираме до граѓаните кои имаат какви било сознанија за убиството во Глоѓани да ѝ дадат информации на полицијата за да се открие сторителот или сторителите на овој чин“, се вели во соопштението.

Во него се додава дека секој граѓанин кој може да придонесе со информации за расветлување на овој случај, ќе биде награден со 20.000 евра.

На сите граѓани кои ќе се обратат во полиција им се гарантира безбедност и заштита.

Косовскиот премиер Албин Курти повтори дека полицијата со сите свои капацитети го истражува тројното убиство.

Според него, полицијата работи на прибирање и анализа на сите релевантни факти и докази со цел што поскоро да се реши овој случај и да се изведе сторителот пред лицето на правдата.

Мицкоски бара предвремени избори, власта тврди дека има стабилно мнозинство

Илустративна фотографија - Зоран Заев, Али Ахмети и Христијан Мицкоски.

Потребни се брзи предвремени парламентарни избори, бидејќи оваа влада предводена од СДСМ и ДУИ нема кредибилитет, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Според Мицкоски, тоа го покажале резултатите од локалните избори кои беа одржани во октомври, наведувајќи дека доколку продолжи оваа влада да владее, „ќе продолжат и поразите.“

„За жал тие порази почнуваат да не чинат со десетици загубени човечки животи, а тоа е само поради една основна причина – раководните лица кои се дел од владејачките партии не си ја вршат работата за која се платени“, изјави Мицкоски за време на посета на Свети Николе.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека не сака да навлегува во теориите дали СДСМ и ДУИ имаат мнозинство од 61 пратеник во Собранието и кој е 61-от пратеник, наведувајќи дека за тоа треба тие да одговорат.

Инаку, откако СДСМ на 26 ноември му ја утврди оставката на претседателот на партијата и актуелен премиер Зоран Заев, од партијата соопштија дека парламентарното мнозинство е стабилно и дека има 61 пратеник.

Тоа го соопшти портпаролката на СДСМ Богданка Кузевска и наведе дека централниот одбор на партијата одлучил дека има простор за вклучување и на Алтернатива во мнозинството.

Денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи од партијата ДУИ потврди дека постои мнозинство и дека владата во овој момент треба да продолжи, но и да ги зајакне нејзините капацитети и поддршка во Собранието.

„Мнозинство има, тоа можам да го потврдам. Очекуваме со овие разговори ова мнозинство да се зголеми дополнително, за да биде стабилно и да може во наредните месеци и години да се продолжи со овие сериозни активности на Владата“, рече Османи на прес-конференција.

Тој додаде дека наредниот период е исклучително важен за стратешките правци на државата и за постигнување на одредени стратешки цели, а дека секоја дестабилизација на владата во овој период може дополнително негативно да влијае на постигнуваење на тие цели.

Во однос на разговорите со Алтернатива, Османи рече дека тие се заеднички меѓу сите коалициони партнери и дека во име на сите коалициони партнери ги спроведува премиерот.

Претходно во петокот на 26 ноември опозициската Алтернатива, која има четири пратеници во Собранието, по одржан состанок на централното претседателство соопшти дека е одлучено да влезат во процесот на преговори со кои би станале дел од владиното мнозинство.

Во однос на парламентарното мнозинство, првиот вицепремиер во Владата Артан Груби на 27 ноември исто така изјави дека тоа е стабилно и дека се добредојдени сите што сакаат евроатлантска Република Северна Македонија.

Тој исто така рече дека оставката на Зоран Заев на местото премиер на Владата на Република Северна Македонија треба да почека, додавајќи дека парламентарното мнозинство ќе се стабилизира и дека ќе биде поголемо од тоа што е сега, односно дека ќе треба да го заврши мандатот во 2024 година.

Земјотрес од 7,5 степени го затресе Перу

ПЕРУ - Луѓет одат по оштетен пат од земјотресот, кај пристаништето Санта Гема во Јуримагуас. 26 мај 2019 година.

Американскиот геолошки институт (УСГС) соопшти дека денеска бил регистриран силен земјотрес во северниот дел на Перу, со јачина од 7,5 степени според прелиминарните податоци.

Земјотресот е почувствуван во 5:52 часот утринава, односно во 11:52 по средноевропско време.

Епицентарот на земјотресот бил на 42 километри северозападно од крајбрежниот град Баранка на длабочина од 112 километри, што се смета за земјотрес со „средна длабочина“, соопшти УСГС.

„Тие обично предизвикуваат помала штета на површината на земјата над нивните жаришта, отколку што е случајот со плитки земјотреси со слична магнитуда, но големи земјотреси на средна длабочина може да се почувствуваат на голема оддалеченост од нивните епицентри“, наведува УСГС.

Американскиот институт наведува и дека големите земјотреси на средна длабочина се доста чести во овој дел од светот. Земјотрес со јачина од 7,5 степени се случи на 26 септември 2005 година на слична длабочина, но на приближно 140 километри јужно од епицентарот на денешниот земјотрес. Тогаш загинаа пет лица, а 70 беа повредени.

Кон крајот на мај 2019 година, тлото се затресе на околу 230 километри југоисточно од градот Баранка, кога беше забележан последниот земјотрес, а тогаш загинаа две лица, потсетува УСГС.

Средба на европски претставници по смртта на мигрантите во Ламанш

Група од повеќе од 40 мигранти се качуваат на гумен чамец, додека го напуштаат брегот на северна Франција за да го преминат Ламан, во Франција. 24.11.2021.

Европските власти денеска одржуваат итен состанок во францускиот пристанишен град Кале, во обид да најдат подобар начин во борбата против трговијата со луѓе.

Состанокот се одржува по смртта на 27 мигранти кои во преполн гумен чамец се обидоа да го преминат каналот Ламанш, од Франција до Велика Британија.

Забележливо е дека британските претставници отсуствуваат од состанокот во Кале, бидејќи несреќата со чамецот со мигранти што се случи на 24 ноември, предизвика нова криза во политичките односи меѓу Британија и Франција.

Двете земји меѓусебно се обвинуваат дека не прават доволно за да ги одвратат луѓето да се движат по тој опасен морски пат.

Франција ја истражува несреќата во Ламанш, која е најголема досега по бројот на загинати мигранти во таа област. Меѓу жртвите се ирачки Курди и најмалку еден Сомалиец, иако повеќето од нив според објавените податови, сѐ уште не се идентификувани.

Министри од Германија, Холандија, Белгија и Франција ќе се сретнат во Кале со претставници на ЕУ, европската гранична агенција Фронтекс и со претставници на полициската агенција Европол.

Во фокусот на разговорите ќе бидат мрежите на шверцери на луѓе кои наплаќаат од 3.000 до 7.000 евра за да организиират преминување на Ламанш.

Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дрманен изјави дека е запленет автомобил со германски ознаки во рамки на истрагата за случајот .

Хуманитарните организации се залагаат за похумани и координирани политики за азил, наместо да се воведува зголемен број полицајци.

Во камповите долж францускиот брег, групи мигранти од Судан, како и Курди од Иран и Ирак, чекаат шанса да го преминат Ламанш. Нив не ги одврати несреќата во средата, ниту засилените патроли на францускиот брег.

Бројот на мигранти кои се обидуваат да го преминат морето со мали чамци се зголеми оваа година за време на ограничувањата за патување поради пандемијата на коронавирусот и по Брезгит. Сепак, бројот на мигранти кои пристигнуваат во Британија е мал во споредба со другите европски земји.

Конзервативецот Фиала именуван за нов премиер на Чешка

Чешкиот претседател Милош Земан го назначи лидерот на Граѓанската демократска партија (ОДС) Петр Фиала за нов премиер.

Десничарот Петр Фиала е именуван за премиер на Чешка, соопшти кабинетот на чешкиот претседател Милош Земан на 28 ноември.

Земан, кој неодамна беше позитивен на Ковид-19, го назначи 57-годишниот Фиала на тивка церемонија во претседателската резиденција во Прага.

Фиала е поранешен политиколог и шеф на Граѓанската демократска партија. Тој формираше коалиција со две помали партии: центристичките Демохристијани и централно-десничарскиот „ТОП 09“.

Коалицијата тесно го порази движењето АНО на премиерот во заминување Андреј Бабиш. По изборите, коалицијата на Фиала додаде две центристички партии за да обезбеди мнозинство од 108 места во 200-члениот законодавниот дом.

Се очекуваше Земан да го назначи Фиала на 26 ноември, но тој беше итно пренесен во болница откако беше позитивен на тестот за Ковид-19. Земан има 77 години и е во општо лоша здравствена состојба.

Фиала го повика Земан да ја потврди владата до средината на декември, бидејќи земјата се соочува со висок раст на случаи на Ковид-19.

На 25 ноември владата воведе нови ограничувања, вклучително и намалување на работното време на рестораните, баровите и ноќните клубови, како и затворање на сите божиќни пазари.

Швајцарците на референдум гласаат за новиот ковид закон

Гласање на референдум во Швајцарија (фото архива: јуни 2021)

Швајцарците на денешен референдум гласаат за новиот закон според кој ќе треба да се воведе употреба на специјални ковид пропусници за влез на јавни места.

Пропусницата ќе значи дека само оние кои се вакцинирани, оние кои прележале Ковид-19 или кои имаат негативен тест можат да присуствуваат на јавни настани.

Гласањето за таканаречениот Закон за Ковид-19, кој исто така предвидува милијарди швајцарски франци помош за вработените и компаниите погодени од пандемијата, се одржува во време кога Швајцарија како и многу други земји во Европа се соочува со голем раст на бројот на новозаразени со коронавирусот.

За разлика од другите земји во Европа, швајцарската влада на зголемувањето на инфекциите не одговори со нови ограничувања.

Аналитичарите велат дека владата не сака да поттикне натамошни противења на нејзината анти-ковид политика пред тестот на денешниот референдум. Доколку Швајцарците го поддржат законот, владата би можела да ги засили анти-ковид мерките.

Тие наведоа дека анкетите покажуваат дека солидно мнозинство Швајцарци ќе го одобрат законот, кој главно е веќе на сила. Доколку законот биде одбиен, ќе бидат укинати сегашните ограничувања, но и исплатата на помош.

Во последните недели противниците на законот собраа многу пари за нивната кампања и привлекоа поддршка од странство.

Швајцарските власти во вторникот предупредија на растечкиот „петти бран“ на инфекции со коронавирусот во земјата, каде стапките на вакцинација се приближно слични на оние во соседните земји Австрија и Германија со вакцинирани околу две третини од населението.

Во последните неколку недели во Швајцарија стапките на новозаразени вртоглаво се зголемија.

Османи: Во тек се подготовките за пренесување на телата на загинатите од Бугарија

Бујар Османи - министер за надворешни работи на Северна Македонија.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи изјави дека се прават подготовки за пренесување на телата на загинатите во автобуската несреќа која се случи на 23 ноември на автопатот „Струма“ во Бугарија.

На денешна прес-конференција Османи рече дека сѐ уште се прават проценки кога може да заврши процесот на идентификација и дека и натаму не може да се каже точно кога ќе заврши тој процес преку ДНК-материјалите.

„Денеска планирам да контактирам со семејствата, бидејќи сакам да знам кои се нивните очекувања во однос на пренесувањето на телата и процедурите понатаму, за да можеме да го направиме овој акциски план, меѓутоа се разбира комуницираме и со бугарските власти. Во текот на неделата очекваме, меѓутоа точниот датум они сѐ уште не можат да го потврдат“, рече Османи.

45 луѓе загинаа и седум беа повредени во несреќа која се случи додека автобусот на компанијата „Беса Транс“ се враќаше од Истанбул кон Скопје.

Луѓето загинаа задушување во пожар кој го зафати автобусот, откако се удри во заштитната ограда на автопатот, како што соопштија надлежните од Бугарија кои ја водат истрагата. Тие рекоа дека причина за несреќата најверојатно е човечка грешка.

Повредените патници се лекуваа во болницата Пиргов во Бугарија, а двајца од нив вчера беа префрлени во Клиниката „Мајка Тереза“ во Скопје.

Во истрагата за автобуската несреќа се вклучени обвинители од Бугарија и Северна Македонија.

Основното јавно обвинителство Скопје отвори предмет за компанијата „Беса трнас“, соопшти вчера државниот јавен обвинител Љубомир Јовески на заедничка прес-конференција во Скопје со бугарските обвинители.

Јовески рече дека Јавното обвинителство на Северна Македонија на бугарските обвинители им ги предало ДНК-профилите потребни за идентификација на жртвите, записници за испитување на осум сведоци и целокупната документација за автобусот на компанијата „Беса транс“.

Австрија уапси 15 лица за шверц на мигранти низ балканската рута

Група мигранти одат низ поле во близина на српското село Мајдан, блиску до границите на Унгарија и Романија. Австрија соопшти дека

Австриските власти разбија мрежа за трговија со луѓе која донела стотици мигранти во земјата преку Балканот.

Полицијата во покраината Долна Австрија на 27 ноември соопшти дека во последните денови 15 осомничени шверцери, државјани на Молдавија, Украина и Узбекистан, биле уапсени при проверки на сомнителни возила, како и во хотел во Виена.

Осомничените десетици пати шверцувале мигранти во автомобили и комбиња, од српско-унгарската граница, преку Словачка и Чешка до североисточниот дел на Австрија, соопшти полицијата.

Најголем дел од мигрантите биле од Либан, Египет и Сирија со цел да стигнат до Германија.

Шверцерската мрежа превезувала повеќе од 700 луѓе и
за патувањето во Австрија наплаќала меѓу 4.000 и 5.000 евра по лице, со што заработила повеќе од 2,5 милиони евра, соопшти полицијата.

Наводните шверцери биле регрутирани во нивните матични земји преку огласи на социјалните мрежи кои нудат работа како возачи за 2.000 до 3.000 евра месечно, соопшти полицијата.

Властите рекоа дека операцијата покажала дека шверцот со луѓе по таканаречената балканска рута бил многу активен и опасен за мигрантите, откако оваа година голем број починале.

Светот во трка за сузбивање на „Омикрон“ - новиот вид на коронавирус

Илустративна фотографија - Меѓународниот аеродром Тамбо во Јоханесбург, Јужна Африка. Земјата го вклучи алармот за новиот вид на коронавирус за кој се смета дека е во највисоката категорија за загрижувачки варијанти.

Неколку европски нации на 27 ноември ги објавија своите први случаи на високо заразниот нов сој на коронавирус откриен во Јужна Африка, додека земјите ширум светот почнаа да воведуваат ограничувања за воздушниот сообраќај и да се подготвуваат за најлошото.

Велика Британија, Белгија, Германија, Данска, Чешка, Израел и Италија се меѓу земјите кои веќе ги потврдија своите први случаи на новиот вид на Ковид-19, главно меѓу луѓето кои патувале од јужна Африка.

Брзото откривање на овој вид во Европа, само неколку дена откако Јужна Африка го вклучи алармот, сугерира на тоа дека тој веќе кружи низ светот.

Светската здравствена организација (СЗО) на 26 ноември го стави новиот вид наречен „Oмикрон“, во највисоката категорија загрижувачки варијанти.

Д-р Ентони Фаучи - највисокиот експерт за заразни болести на владата на САД, изјави дека иако „Oмикрон“ сè уште не е откриен во САД, „не би бил изненаден“ ако видот веќе е присутен во земјата.

„Сè уште не сме го откриле, но кога имате вирус кој покажува ваков степен на преносливост и веќе имате случаи поврзани со патување, кога имате вирус како овој, речиси секогаш тој ќе оди насекаде“, рече Фаучи за време на интервјуто за шоуто „Тудеј“.

Сè уште не се знае многу за „Омикрон“ и можно е да бидат потребни недели за научниците целосно да го разберат влијанието на варијантата врз вакцините, преносливоста, сериозноста на болеста и третманите.

Голем број здравствени експерти сугерираат дека „омикрон“ може полесно да ги избегне вакцините.

Во Киргистан се одржуваат избори за нов парламент

Парламентарни избори во Киргистан.

Гласачите во Киргистан излегоа на гласање на 28 ноември, што е четврто во оваа централноазиска земја во период од нешто повеќе од една година.

Само неколку дена пред парламентарните избори, властите објавија дека уапсиле 15 лица за наводен заговор за државен удар по гласањето.

Уличните протести предизвикаа соборување на владата три пати во изминатите две децении, вклучително и по спорните парламентарни избори минатата година кои го доведоа актуелниот претседател Садир Јапаров на власт, откако тој беше ослободен од затвор.

Јапаров организираше претседателски избори и истовремено референдум за промена на уставот за да ѝ се додели повеќе овластувања на претседателската функција, потег што критичарите го сметаат за зграпчување на власта.

Последните избори се повторување на неуспешното парламентарно гласање одржано во октомври минатата година, кое брзо беше поништено од Централниот изборен комитет (БШК) во услови на хаотични протести поради наводни прекршувања на кампањата и нефер практики на гласање.

Дваесет и една партија и стотици окружни кандидати се натпреваруваат за 90 места во еднодомниот парламент.

Ќе се гласа на 2.435 избирачки места во Киргистан, како и на 59 места во 29 земји, вклучително и 20 во Русија каде што работат многу киргистански работници. Гласачките места беа отворени во 8 часот, а се затвораат во 20 часот.

Талибанскиот премиер на Авганистан го одржа своето прво обраќање до нацијата

Премиерот на Авганистан Мула Мохамад Хасан Ахунд денеска имаше аудио обраќање пренесувано на државната телевизија.

Талибанскиот премиер на Авганистан го одржа својот прв јавен говор, откако исламистичката група ја презеде власта пред повеќе од три месеци, велејќи дека владата сака добри односи со другите земји и дека ќе ги реши економските проблеми.

Мула Мохамед Хасан Ахунд, кој е ко-основач на талибанците, во аудио обраќање на 27 ноември емитувано на државната телевизија, опфати низа прашања во обраќањето до нацијата.

„Ги уверуваме сите земји дека нема да се мешаме во нивните внатрешни работи и сакаме да имаме добри економски односи со нив“, рече Ахунд во 30-минутниот говор.

Талибанците ја презедоа власта откако го зазедоа Кабул во средината на август, додека меѓународните сили предводени од САД се повлекоа од земјата по 20-годишна војна.

Но, откако ја соборија претходната влада, талибанците се мачеа да го претворат герилското движење во функционална администрација.

Земјата беше во голема финансиска криза со зголемена инфлација, невработеност и намалена вредност на валутата.

„Ги замолуваме сите меѓународни добротворни организации да не ја повлекуваат својата помош и да ѝ помогнат на нашата исцрпена нација, за да може да се решат проблемите на луѓето“, додаде Ахунд.

Талибанскиот премиер изјави дека економската криза во земјата ќе биде решена доколку САД ослободат околу 10 милијарди долари од резервите на централната банка на Авганистан.

Тој додаде дека Авганистанците не треба да веруваат дека талибанците се виновни за проблемите во земјата, за кои тврди дека се резултат на претходната корумпирана влада.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG