Достапни линкови

Вести

Пекинг: Це Мин бара зачувување на авторитетот на Советот за безбедност

Кинескиот претседател Џијанг Це Мин, му посочил на американскиот претседател Џорџ Буш дека „авторитетот на Советот за безбедност на ОН, мора да биде сочуван во текот на донесувањето на одлука за Ирак,, пишува денеска весникот „Женмин жибао“. Весникот пренесува дека Џијанг и Буш, синоќа телефонски разговарале за ирачката криза, како и за ситуацијата во Северна Кореа.

види ги сите денешни вести

Група од 43 Авганистанци замина од Македонија

Илустација, пристигнување на дел од бегалците од Авганистан на скопскиот аеродром, архивска фотографија

Нова група од 43 авганистански граѓани замина од Македонија откако за нив беше подготвена потребната документација за влез во трета земја како нивно трајно прибежиште, соопшти владината прес служба.

Во соопштението е наведено дека согласно планираната спасувачка мисија, македонските институции, во текот на нивниот привремен престој во земјава им ја овозможиле потребната поддршка, а трошоците биле покриени од меѓународните организации.

„Овие цивили беа спасени во големата меѓународна операција за помош на вработени во хуманитарните, демократски и миротворни меѓународни мисии, активисти од организациите за човекови права, преведувачи, студенти и стипендисти и нивни семејства, а се под закана на новиот талибански режим во Авганистан“ се вели во владиното соопштение.

Засега во земјава престојуваат 505 авганистански граѓани, а досега од Северна Македонија заминаа 128-мина на кои траен престој им обезбедија Франција, Грција, Ирска, Португалија, Бразил и САД.

Седум починати и нови 460 случаи со ковид-19

Во изминатото деноноќие евидентиратни се нови 460 заболени со ковид-19 од направени 2.424 тестирања. Во изминативе 24 часа седум пациенти ја загубиле битката со ковид-19. Институтот за јавно здравје регистрирал и 543 оздравени пациенти. Најголем број од новозаболените доаѓаат од Скопје - 185, потоа Прилеп – 54 и Битола – 45.

Од седумте починати лица три се од Скопје (63г, 67г и 83г), две од Битола ( 66г и 83г), и по едно починато лице од Куманово (79г), и Берово (69г). Сите пријавени лица се починати во болнички услови. Дополнително, согласно регистарот на умрени лица со дијагноза Ковид-19 од „Мој Термин“, се пријавени пет починати лица со датум на смрт од 02.10.2021 до 27.11.2021 и сите пријавени лица се починати во домашни услови.

Досега во земјата се направени вкупно 1.471.420 тестирања на Ковид-19. Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 215.585, бројот на оздравени пациенти е 200.003, на починати е 7.581, а на активни случаи изнесува 8.001.

Белоруски новинар осуден на 10 дена затвор

Белорускиот новинар Андреј Кузнечик кој хонорарно работи како дописник за белорускиот сервис на Радио Слободна Европа

Белорускиот новинар Андреј Кузнечик кој хонорарно работи како дописник за белорускиот сервис на Радио Слободна Европа е осуден на 10 дена затвор поради обвинение за нарушување на јавен ред и мир, додека властите на авториратниот лидер Александар Лукашенко и натаму ја спроведуваат хајката и акцијата против независните медиуми во земјата.

Роднините на Кузнечик за РСЕ изјавија дека денеска дознале дека пред четири дена била донесена пресудата против него. Тие посочија дека Кузнечик тврдел дека е невин и дека засега сенаоѓа во озлогласениот притвор во Минск Акрештина. Жителите на озогласениот притвор во Минск честопати се жалат на тортура од властите во притворот.

Сопругата на Кузнечик, Алексија Рак изјавила дека тој на 25 ноември излегол од дома за да вози велосипед, но набрзо се вратил во придружба на четворица мажи облечени во цивилна облека кои не приложиле никаква идентификација , но извршиле претрес во нивниот дом. Потоа Кузнечик бил изнесен од домот од четворицата цивили кои не и соопштиле која е причината за неговиот протвор.

Тензиите во Белорусија растат откако Лукашенко, кој е на власт од 1994 година, беше прогласен за победник на претседателските избори во август 2020 година, за кои белоруската опозиција и Западот тврдат дека се наместени.

По августовските избори многу западни земји одбија да го признаат Лукашенко како легитимен лидер на Белорусија, оставајќи го белорускиот моќник позависен од кога било од Русија. Многу аналитичарите сметаат дека Русија ја користи неговата ослабена позиција за да ја зајакне својата контрола над својот помал сосед.

Десетици илјади луѓе се приведени, а активистите за човекови права тврдат дека повеќе од 800 луѓе сега се во затвор како политички затвореници. Мета беа и независните медиуми и опозициските социјални медиуми. Претседателот на РСЕ Џејми Флај на денот на приведувањето на Кузнечик изјави дека режимот на Лукашенко продолжува со напорите да ги уништи сите независни медиуми во Белорусија.

„Андреј беше киднапиран од агенти на режимот за ништо повеќе од тоа што е новинар. Режимот исто така таргетираше една од нашите профили на социјалните мрежи, обидувајќи се да пресече повеќе канали за информации за белорускиот народ. Андреј треба веднаш да биде ослободен и да му се дозволи да се врати на сопругата и малите деца.Не сторил кривично дело“, изјави претседателот на РСЕ Флај.

За шест проценти намален бројот на заболени од ковид-19 на неделно ниво

Помалку тестирања за ковид, но и помал број за нови случаи регистрира Институтот за јавно здравје во периодот од 22 ноември до 28 ноември. Бројот на тестирања во однос на неделата претходно е намален за 5,1 отсто, а бројот на нови случаи за 6,1 проценти.

Процентот на позитивност се движи од 9,5 до 17,5 отсто или просечно 14,3 проценти. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје. Највисока неделна инциденца е регистрирана во Берово, се наведува во Извештајот објавен на веб страницата на Институтот за јавно здравје.

Се забележува намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи, освен кај возрасната група до девет години, каде има за 14,4 отсто повеќе случаи. Најзабележително е намалувањето кај возрасната група на лица од 10 до 19 години (-10,7 отсто).

Нејаснотии со Омикрон сојот на коронавирусот
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:31 0:00

Минатата недела има повеќе заболени женски лица, отколку машки. Во текот на мината недела вкупно се пријавени 44 реинфекции, што е за 10,2 отсто помалку во однос на претходната недела.

Пријавени се 98 смртни случаи во 24 градови во текот на изминатата недела, во однос на 91 смртни завршетоци во 21 град во претходната недела. Во однос на возраста, најголем број од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години, а регистрирани се починати лица и кај возрасната група од 50 до 59 години (шест), од 40 до 49 години (три) и 30 до 39 години (три).

Бислимоски – Струјата може да поевтини од април, но повторно ќе биде поскапа од досегашната

Електрична централа

Намалување на цените на електричната енергија на светските пазари може да се очекува од втората половина на април следната година, но тоа намалување е во однос на денешните, поскапени цени, а не во однос на цените од минатата година, вели во разговор со дописничката на МИА од Атина претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски.

Тој е во Атина прусуствува на 50-тиот Борд на регулатори на Енергетската заедница, на кој по втор пат беше избран за претседател на Бордот.

Бислимоски посочува дека тоа подразбира цени за најмалку два пати повисоки отколку што ги имавме во првиот дел од годинава.

„Тоа намалување е, да не биде 220-230 евра, туку да падне на 110 -120 евра. За такво намалување станува збор, но тоа 110-120 евра за мегават час што го нарекуваме намалување, всушност претставува зголемување во однос на минатата година за повеќе од два пати, за жал. Но, верувам дека сега ќе ги чуеме и искуствата од другите земји, а во некои од нив, сигурно ќе бидат вклучени и Владите со цел да се стабилизира колку што може ситуацијата во енергетскиот сектор“, истакнува Бислимоски.

Анализирајќи ја ситуацијата во регионот, тој вели дека особено е лоша ситуацијата кај земјите што се увознички на електрична енергија и природен гас, а тоа се Македонија, Молдавија, Косово, во одреден дел и Црна Гора зашто цените се драстично зголемени.

Дел од Енергетската заедница, освен Македонија, се и Србија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Молдавија, Грузија, Украина и Албанија.

Блинкен -Сериозни последици за Русија ако има нова агресија кон Украина

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја предупреди Москва дека секоја повторна агресија на Украина ќе предизвика „сериозни последици“, во услови на зголемена загриженост на Западот поради трупањето руски војници на границата со Украина.

Зборувајќи на прес-конференција во Рига, каде што учествува на состанок на министрите за надворешни работи од НАТО, Блинкен денеска оцени дека трупањето на руски војници е „необично“ и дека „секоја ескалациска постапка од страна на Русија ќе биде од голема загриженост за САД“.

Дополнителната поддршка за украинската војска и потенцијалот на НАТО за зајакнување на силите распоредени долж источната граница се очекува да бидат темите на дневниот ред на дводневниот состанок во главниот град на Летонија.

Алијансата се обидува да му покаже на Кремљ дека ќе се соочи со сериозни последици ако ѝ и се заканува на Украина.

Русија, која го анектираше Крум од Украина во 2014 и ги поддржува проруските сепаратисти во конфликтот во источна Украина, негира дека планира напад и го обвини НАТО дека ги подгрева тензиите.

Британската министерка за надворешни работи Лиз Трус рече дека секоја сугестија дека НАТО ја провоцира Русија е лажна.

Украина, која претендира да стане членка на НАТО, го испрати шефот на дипломатијата Дмитро Кулеба на разговорите во Рига. Тој вчера рече дека Русија распоредила 115 илјади војници и тешко вооружување во близина на границата со Украина, во окупираниот Крим и во делови од источна Украина кои се под контрола на проруските бунтовници.


Комитова - Автопатот „Струма“ имал мани, но причина за големиот број жртви е пожарот

Бугарската министерка Виолета Комитова, во средината.

Автопатот „Струма“ каде се случи автобуската несреќа на 23 ноември, имал мани, но тие не се причина за несреќата во која загинаа 45 луѓе, беше кажано на денешната прес-конференција на министерката за регионален развој и јавни работи на Бугарија Виолета Комитова.

Министерство денеска ги објави резултатите од увидот на патниот правец каде што се случи автобуската несреќа на македонски превозник.

Патот не бил ниту автопат, ниту магистрала, ограничувањето прво било 9о километри на час, потоа сменето во 120 на час, но Комитова вели дека брзината на оваа делница треба да е 90 километри на час.

Бугарските власти велат дека брзината не била причина за несреќата. Според Комитова пожарот е главна причина што има толку загинати. Таа вели дека не се знае како настанал пожарот.
По несреќата бугарските обвинители наредија проверка на патот каде што се случи несреќата.

Паѓа индустриското производство, а намален е и број на работници

Годинава има зголемување на индустриското производство во споредба со лани, но во последните месеци од годината има пад на индустриското производство, соопшти Државниот завод за статистика (ДЗС). Индустриското производство во октомври годинава, во однос на октомври лани е намалено за 6,5 отсто. Во периодот јануари – октомври, пак, во споредба со минатата година е поголемо за 1,8 проценти, соопшти ДЗС.

Гледано по сектори, овој октомври во споредба со истиот месец лани најголем пад од над 10 отсто има во Преработувачката индустрија и минимален пад во секторот Рударство и вадење на камен, додека во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација има пораст од 18.6 отсто.

Намалувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на намаленото производство во следните оддели: Производство на прехранбени производи, Производство на текстил, Производство на облека, Производство на метали, Производство на машини и уреди, неспомeнати на друго место и Производство на моторни возила, приколки и полуприколки.

Бројот на работниците во индустријата, во октомври 2021 во однос на октомври лани е намален за 2,5 проценти, а од јануари до октомври во споредба со истиот период минатата година намален е за 2,2 отсто, соопшти Државниот завод за статистика.

Во санкциите на ЕУ кон Белорусија опфатен и авиопревозникот Белавија

Авион на ационалниот авиопревозник Белавија

Европската унија треба да го усвои петтиот пакет санкции против Белорусија, кој ќе опфати 17 лица и 12 компании. Со новите санкции ќе бидат таргетирани они кои учествувале во оркестирањето на мигрантската криза на границите на Белорусија со ЕУ.

Се очекува новите санкции да бидат усвоени утре, на 1 декември. Радио Слободна Европа имаше увид во списокот на оние кои ќе бидат санкционирани, меѓу нив се националниот авиопревозник Белавија и туристички компании кои се обвинети дека им помагале на мигрантите, главно од Блискиот Исток, да дојдат до границите на Белорусија со Унијата.

Дополнително, на списокот се ставени и неколку судии и функционери од правосудниот систем, кои, како што се наведува, му помогнале на режимот на авторитарниот лидер Александар Лукашенко да го сузбие несогласувањето од неговите противници по спорните избори во август минатата година.

ЕУ го обвинува Лукашенко дека води „хибридна војна“ дозволувајќи им на мигрантите да пристигнат во земјата, а потоа да се насочат во границите со Унијата. Според ЕУ, Лукашено тоа го прави за да се одмазди за санкциите што Унијата ги воведе против неговиот режим.

Членките на ЕУ - Полска, Латвија и Литванија поставија огради и распоредија илјадници граничари, војници и полицајци за да ја запечатат границата, откако на граничните линии почнаа да кампуваат илјадници мигранти. Според хуманитарните групи, во последните месеци загинале најмалку 11 мигранти.

Белоруските власти неодамна ги расчистија импровизираните мигрантски кампови на границата и префрлија околу 2.000 луѓе во магацин претворен во засолниште, а истовремено дозволија и летови за враќање на луѓето од таму од каде што дошле.

Осум синдикати во Сараево најавија генерален штрајк

Протест на синдикати во Сараево

Стотина претставници на осум синдикати во Кантонот Сараево денеска одржаа едночасовен предупредувачки протест пред зградата на кантоналната влада, незадоволни од висината на платите. Тие земаат плата од буџетот на Кантонот Сараево, Фондот на Заводот за здравствено осигурување на Кантонот Сараево и комуналната економија на Кантонот Сараево. Во федерацијата Босна и Хецеговина има 10 синдикати.

Станува збор за претставници на синдикатот на здравствени работници, основно, средно и високо образование, државни службеници, полицајци и комунални работници. Тие бараат повисоки плати, почитување на законските процедури и колективните договори и социјален дијалог со синдикатите. Во осумте синдикати има повеќе од 25 илјади работници.

Доколку денешниот протест не ги даде очекуваните резултати, тие најавија дека ќе стапат во генерален штрајк.

Српската Влада ги ограничи цените на брашното, шеќерот, маслото, месото и млекото

Владата на Србија на денешната седница донесе одлука за ограничување на цената на основните прехранбени производи: шеќер, брашно од типот 400, сончогледово масло за јадење, свинско месо и млеко – така што нема да го надминуваат ценовното ниво од 15 ноември 2021 година.

Ограничувањето на цените е поставено за да се отстранат штетните последици и да се спречат нарушувања на пазарот и нема да се однесува на намалените цени, како што се продажба, сезонски попусти или промотивни продажби, доколку тие важеле на 15 ноември, туку за редовните, односно цените пред намалувањето, соопшти владата на Србија.

Одлуката за ограничување на цените ќе трае два месеци и предвидува производителите да не смеат да ги испорачуваат овие производи во количини помали од просекот во изминатите 12 месеци. Доколку производителите ја прекршат одредбата ќе се соочат со парични казни и забрана за вршење на дејноста во траење од шест месеци до една година.

Макрон - Иран конструктивно да се вклучи во преговорите за нуклеарниот договор

Комбо фотографија од францускиот претседател Емануел Макрон и неговиот ирански колега, Ебрахим Раиси.

Францускиот претседател Емануел Макрон го повика својот ирански колега, Ебрахим Раиси, да се вклучи на „конструктивен начин“ во тековните преговори во Виена за заживување на нуклеарниот договор потпишан во 2015 година меѓу Иран и светските сили.

Макрон и Раиси вчера телефонски разговарале, соопштија од Кабинетот на францускиот претседател. Од таму соопштуваат дека Макрон му рекол на Раиси дека целта на Париз е да види дека Иран се вратил на целосно почитување на сите негови обврски според договорот и САД да се вратат на договорот.

Од Кабинетот на Раиси, цитирајќи го претседателот, наведуваат дека тоа што Иран испратил целосен тим на разговорите говори дека имаат сериозна волја.

Вчера во Виена повторно започнаа преговори за враќање на историскиот договор по петмесечна пауза.

Преговорите меѓу Иран и петте земји потписнички - Велика Британија, Франција, Германија, Кина и Русија - започнаа во Виена во април, а САД, кои го напуштија договорот учествуваат индиректно.

Разговорите беа прекинати во јуни по изборот на Раиси за претседател.

Договорот кој го постигна Иран со САД, Велика Британија, Франција, Германија, Кина и Русија предвидува ограничување на нуклеарните активности на Техеран во замена за укинување на санкциите, притоа отворајќи поголема контрола од страна на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) на Обединетите нации.

Но, Иран постепено ги прекрши границите наметнати со договорот, откако поранешниот претседател Доналд Трамп во 2018 година ги повлече САД од договорот и ги врати американски санкции и покрај почитувањето на договорот од страна на Иран.

Наследникот на Трамп, Џо Бајден, вети дека повторно ќе се приклучи на договорот доколку Иран се врати на целосно усогласување, но Техеран сака Вашингтон да го направи првиот чекор.

Шахпаска - Во 2022 нови 5.500 социјални случаи поради пандемијата

Јагода Шахпаска, министерка за труд и социјална политика

Бројот на социјални случаи, односно корисници на гарантирана минимална помош се очекува следната година да се зголеми за нови 5.500 случаи поради пандемијата, рече денеска министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска на прес конференција.

Шахпаска денеска го претстави Предлог-граѓанскиот буџет на ресорното министерство за 2022 година, кој изнесува 50,6 милијарди денари. Пандемијата и досега се одразила, зголемувајќи го бројот на социјални случаи, рече таа.

„Средствата предвидени за социјални трансфери во Министерството за труд и социјална политика се проектирани на 11,6 милијарди денари. Оваа година заради пандемијата имавме влез на 8,5 илјади домаќинства во системот на социјална заштита. Од 27 илјади домаќинства кои беа пред пандемијата минатата година, до крајот на годината дополнителни 8,5 илјади семејства влегоа во системот така што во моментот имаме 35.500 семејства кои што користат гарантирана минимална помош“, рече Шахпаска.

Министерката вели дека системот е подготвен и ќе обезбеди средства за сите семејства коишто се во социјален ризик.

Се урнал воен хеликоптер во Азербејџан

Aзербејџан - воен хеликоптер.

Се урнал воен хеликоптер на Азербејџанската државна гранична служба, има загинати и повредени, соопштија од Граничната служба и од Канцеларијата на генералниот обвинител.

Во заедничко соопштение на двете институции се наведува дека воениот хеликоптер се урнал на 30 ноември за време на воени маневри во близина на аеродромот Карахејбат во источната област Ксизи.

Во соопштението се наведува дека „има загинати и повредени“, но не се наведуваат повеќе детали. Во него се додава дека се започнати заеднички истраги за настанот.

Во Јемен нападнати локации на Корпусот на иранската револуционерна гарда

Коалицијата предводена од Саудиска Арабија, која во Јемен се бори против бунтовниците Хути, кои се поврзани со Иран, соопшти дека извршила воздушен напад врз „тајна“ локација што му припаѓа на Корпусот на иранската револуционерна гарда (ИРГЦ), објави државната телевизија.

Во денешниот извештај се наведува дека нападот бил дел од воздушните напади кои биле насочени кон воени цели на Хутите во главниот град Сана.

Според главниот радиодифузер на Хутите, три воздушни напади биле насочени и го погодиле градскиот аеродром, а четвртиот напад бил насочен кон парк.

Засега нема коментари од иранските власти.

Воздушниот напад е еден од неколкуте што коалицијата ги изврши овој месец над Сана, бидејќи седумгодишната војна не бележи знаци на намалување. Во Јемен, Хутите се борат против меѓународно признатата влада поддржана од Саудиска Арабија.

Хутите ја контролираат Сана и поголемиот дел од северниот и западниот дел на земјата.

Градот Аден е привремен дом на меѓународно признатата влада на Јемен, која е поддржана од воената коалиција предводена од Саудиска Арабија.

Обединетите нации ја опишаа ситуацијата во Јемен како најтешка хуманитарна катастрофа во светот. Се проценува дека околу 24,3 милиони луѓе се изложени на ризик од глад и болести.

Извештај на ОН, објавен претходно овој месец, предвидува дека бројот на загинати од војната ќе достигне 377 илјади до крајот на оваа година.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG