Достапни линкови

Вести

Њујорк: Ситуацијата во Косово на дневен ред на Советот за безбедност

Советот за безбедност на Обединетите нации денеска ја разгледува ситуацијата на Косово, а редовниот извештај за работата на мисијата во Покраината, ќе го поднесе шефот на УНМИК Михаел Штајнер. Србија и Црна Гора ќе побара од Советот за безбедност во усвојувањето на претседателското соопштение, подеднакво да се води сметка и за интересите на Белград и Приштина. ,,Косово постигна значаен напредок, но сеуште е далеку од целите што Обединетите Нации и ги поставија на Покраината“ изјави генералниот секратар на ОН Кофи Анан.

види ги сите денешни вести

Австрија уапси 15 лица за шверц на мигранти низ балканската рута

Група мигранти одат низ поле во близина на српското село Мајдан, блиску до границите на Унгарија и Романија. Австрија соопшти дека

Австриските власти разбија мрежа за трговија со луѓе која донела стотици мигранти во земјата преку Балканот.

Полицијата во покраината Долна Австрија на 27 ноември соопшти дека во последните денови 15 осомничени шверцери, државјани на Молдавија, Украина и Узбекистан, биле уапсени при проверки на сомнителни возила, како и во хотел во Виена.

Осомничените десетици пати шверцувале мигранти во автомобили и комбиња, од српско-унгарската граница, преку Словачка и Чешка до североисточниот дел на Австрија, соопшти полицијата.

Најголем дел од мигрантите биле од Либан, Египет и Сирија со цел да стигнат до Германија.

Шверцерската мрежа превезувала повеќе од 700 луѓе и
за патувањето во Австрија наплаќала меѓу 4.000 и 5.000 евра по лице, со што заработила повеќе од 2,5 милиони евра, соопшти полицијата.

Наводните шверцери биле регрутирани во нивните матични земји преку огласи на социјалните мрежи кои нудат работа како возачи за 2.000 до 3.000 евра месечно, соопшти полицијата.

Властите рекоа дека операцијата покажала дека шверцот со луѓе по таканаречената балканска рута бил многу активен и опасен за мигрантите, откако оваа година голем број починале.

Светот во трка за сузбивање на „Омикрон“ - новиот вид на коронавирус

Илустративна фотографија - Меѓународниот аеродром Тамбо во Јоханесбург, Јужна Африка. Земјата го вклучи алармот за новиот вид на коронавирус за кој се смета дека е во највисоката категорија за загрижувачки варијанти.

Неколку европски нации на 27 ноември ги објавија своите први случаи на високо заразниот нов сој коронавирус откриен во Јужна Африка, додека земјите ширум светот почнаа да воведуваат ограничувања за воздушниот сообраќај и да се подготвуваат за најлошото.

Велика Британија, Белгија, Германија, Данска, Чешка, Израел и Италија се меѓу земјите кои веќе ги потврдија своите први случаи на новиот вид на Ковид-19, главно меѓу луѓето кои патувале од јужна Африка.

Брзото откривање на овој вид во Европа, само неколку дена откако Јужна Африка го вклучи алармот, сугерира на тоа дека тој веќе кружи низ светот.

Светската здравствена организација (СЗО) на 26 ноември го стави новиот вид наречен „Oмикрон“, во највисоката категорија загрижувачки варијанти.

Д-р Ентони Фаучи - највисокиот експерт за заразни болести на владата на САД, изјави дека иако „Oмикрон“ сè уште не е откриен во САД, „не би бил изненаден“ ако видот веќе е присутен во земјата.

„Сè уште не сме го откриле, но кога имате вирус кој покажува ваков степен на преносливост и веќе имате случаи поврзани со патување, кога имате вирус како овој, речиси секогаш тој ќе оди насекаде“, рече Фаучи за време на интервјуто за шоуто „Тудеј“.

Сè уште не се знае многу за „Омикрон“ и можно е да бидат потребни недели за научниците целосно да го разберат влијанието на варијантата врз вакцините, преносливоста, сериозноста на болеста и третманите.

Голем број здравствени експерти сугерираат дека „омикрон“ може полесно да ги избегне вакцините.

Во Киргистан се одржуваат избори за нов парламент

Парламентарни избори во Киргистан.

Гласачите во Киргистан излегоа на гласање на 28 ноември, што е четврто во оваа централноазиска земја во период од нешто повеќе од една година.

Само неколку дена пред парламентарните избори, властите објавија дека уапсиле 15 лица за наводен заговор за државен удар по гласањето.

Уличните протести предизвикаа соборување на владата три пати во изминатите две децении, вклучително и по спорните парламентарни избори минатата година кои го доведоа актуелниот претседател Садир Јапаров на власт, откако тој беше ослободен од затвор.

Јапаров организираше претседателски избори и истовремено референдум за промена на уставот за да ѝ се додели повеќе овластувања на претседателската функција, потег што критичарите го сметаат за зграпчување на власта.

Последните избори се повторување на неуспешното парламентарно гласање одржано во октомври минатата година, кое брзо беше поништено од Централниот изборен комитет (БШК) во услови на хаотични протести поради наводни прекршувања на кампањата и нефер практики на гласање.

Дваесет и една партија и стотици окружни кандидати се натпреваруваат за 90 места во еднодомниот парламент.

Ќе се гласа на 2.435 избирачки места во Киргистан, како и на 59 места во 29 земји, вклучително и 20 во Русија каде што работат многу киргистански работници. Гласачките места беа отворени во 8 часот, а се затвораат во 20 часот.

Талибанскиот премиер на Авганистан го одржа своето прво обраќање до нацијата

Премиерот на Авганистан Мула Мохамад Хасан Ахунд денеска имаше аудио обраќање пренесувано на државната телевизија.

Талибанскиот премиер на Авганистан го одржа својот прв јавен говор, откако исламистичката група ја презеде власта пред повеќе од три месеци, велејќи дека владата сака добри односи со другите земји и дека ќе ги реши економските проблеми.

Мула Мохамед Хасан Ахунд, кој е ко-основач на талибанците, во аудио обраќање на 27 ноември емитувано на државната телевизија, опфати низа прашања во обраќањето до нацијата.

„Ги уверуваме сите земји дека нема да се мешаме во нивните внатрешни работи и сакаме да имаме добри економски односи со нив“, рече Ахунд во 30-минутниот говор.

Талибанците ја презедоа власта откако го зазедоа Кабул во средината на август, додека меѓународните сили предводени од САД се повлекоа од земјата по 20-годишна војна.

Но, откако ја соборија претходната влада, талибанците се мачеа да го претворат герилското движење во функционална администрација.

Земјата беше во голема финансиска криза со зголемена инфлација, невработеност и намалена вредност на валутата.

„Ги замолуваме сите меѓународни добротворни организации да не ја повлекуваат својата помош и да ѝ помогнат на нашата исцрпена нација, за да може да се решат проблемите на луѓето“, додаде Ахунд.

Талибанскиот премиер изјави дека економската криза во земјата ќе биде решена доколку САД ослободат околу 10 милијарди долари од резервите на централната банка на Авганистан.

Тој додаде дека Авганистанците не треба да веруваат дека талибанците се виновни за проблемите во земјата, за кои тврди дека се резултат на претходната корумпирана влада.

Времето денеска - попладне дожд, на планините снег

Илустративна фотографија - есен во Скопје.

Времето денеска ќе биде променливо облачно, попладне и до крајот на денот со врнежи од дожд кои ќе бидат пообилни, особено во западните делови на земјата со над 20 литри на метар квадратен за 12 часа, според прогнозата на Управата за хидрометеролошки работи (УХМР).

На повисоките планини на северозапад врнежите ќе преминуваат во снег. Ќе дува засилен, а повремено и силен ветер од јужен правец.

Утринската температура ќе се движи од 3 до 8 степени, а дневната од 13 до 18 степени.

Во Скопје и околината времето ќе биде променливо облачно, а попладне и до крајот на денот ќе има врнежи од дожд. Утринската температура ќе достигне 4, а дневната 16 степени.

Почина новинарот Тодор Пендаров

Тодор Пендаров.

Денеска почина долгогодишниот новинар Тодор Пендаров. Тој во својата кариера беше дописник за Радио Скопје, а потоа работеше и како советник за односи со јавност во Македонското собрание.

Пендаров студираше политикологија на Универзитетот во Љубљана, а потоа работеше како допоисник од Словенија.

Тој гостуваше и на ТВ-дебати анализирајќи ги политичките случувања во земјава.

Како што известуваат медиумите, Пендаров починал по долго боледување.

17 починати и 463 новозаразени со коронавирус

Илустративна фотографија.

Во изминатото деноноќие се регистрирани 463 нови случаи на коронавирус, а 15 луѓе починале сите во болнички услови, соопшти Министерството за здравство. Според Регистарот на починати од ковид, пријавени се уште 2 починати во период од 20 до 24 ноември, се вели во соопштението.

Најмладите починати пациенти се на возраст од 37, 44 и 54 години, додека највозрасните на 92, 93 и 94 години.

Направени се 3.447 тестирања. Најмногу нови случаи има во Скопје – 218, Битола 40, Прилеп 25, Кавадарци 22, Велес 16, Куманово 15...

Регистрирани сe 336 оздравени пациенти. Бројот на активни случаи во моментов е 8.393.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во Северна Македонија од почетокот на епидемијата изнесува 214.676, бројката на оздравени пациенти е 189.755, на починати е 7.528.

Земјите во Европската унија и Велика Британија воведоа ограничувања на патувањата од Јужна Африка поради стравувањата од новата варијанта на коронавирусот „омикрон“. САД исто така се приклучија кон ваките мерки.

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека прелиминарните докази сугерираат оти новиот вид на коронавирусот носи поголем ризик од повторна инфекција.

СЗО го означи како сој кој предизвикува загриженост и го нарече „омикрон“ по буква од грчката азбука, како што беше случајот со претходно откриените видови на коронавирус.

Варијантата, досега позната како B.1.1.529, е регистрирана во Јужна Африка, Боцвана, Белгија, Хонг Конг и Израел.

Финансиска стумулација на матичните лекари - можна нова мерка за повисока вакцинација

Macedonia - Minister of Health Venko Filipce

Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека ќе предложат мерка до Владата за посебна стимулација на матичните лекари, односно да бидат финансиски стимулирани кога ќе надминат 70 отсто на вакцинација од вкупниот број на прикрепени пациенти и да бидат наградени со 30 денари по пациент од вкупниот број пациенти кои се запишани кај нив.

„Има уште некои аспекти кои тука треба да се разгледаат, но мислам дека тоа е предлогот со кој ќе настапиме во вторник пред Влада“, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Тој посочи дека за претходните мерки дискутирале на седница на Владата, наведувајќи дека е свесен оти ова се едни од најтешките мерки кои што допираат во сферата на работните односи и работните места.

„Меѓутоа заклучивме дека треба дополнително да истражиме и да видиме дали ќе има некои слични мерки кои нема да бидат толку сериозни, да загрозуваат нечие работно место а од друга страна ќе бидат стимулација за вакцинација и во таа смисла работевме интензивно, рече Филипче.

Нивото на вакцинација во земјава се движи околу 38 проценти од населението кои примиле две дози од вакцините против Ковид-19, а една доза примиле 42,5 отсто.

Претходно како мерка која требаше да ја разгледува Владата, а беше предложена од Комисијата за заразни болести, е вакцинацијата да биде задолжителна за здравствените работници и за сите вработени во јавната администрација. Предлогот беше оние кои не сакаат да се вакцинираат, да приложуваат ПЦР тест.

Европа и светот деновиве алармираат за новиот сој „омикрон“ кој беше пронајден во Јужна Африка и е опишан како „загрижувачки“. Некои земји од ЕУ, како и САД и Велика Британија воведоа ограничувања на патувањата од неколку африкански земји.

Филипче рече дека за новиот сој ќе разговараат во понеделник на состанок на Комисијата за заразни болести.

Лајчак - Нема алтернатива за интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ

Мирослав Лајчак - специјален пратеник на ЕУ за Западен Балкан.

Интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија нема алтернатива, изјави денеска специјалниот пратеник на ЕУ за Западен Балкан Мирослав Лајчак на Балканскиот интеграциски форум во Подгорица.

Претходно, црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ изјави дека ЕУ треба јасно да каже дали ги сака балканските земји.

„Црна Гора никогаш не се сомневала кога станува збор за европскиот пат, без разлика на влијанието на Русија. Ако некој во ЕУ отсвирил крај за политиката на проширување, ние ќе продолжиме по овој пат. Која е алтернативата, дали ова што се нуди од Москва?“, праша Ѓукановиќ.

Лајчак одговори дека не треба да се бара алтернатива.

„Има само една алтернатива - полноправно членство. Процесот е многу побавен отколку што се надевавме, но има голем број објективни околности. ЕУ мора да биде сигурна дека новите членки нема да донесат дополнителни проблеми“, рече Лајчак.

Коментирајќи ја идејата за Отворен Балкан, Ѓукановиќ рече дека таа не била доследно формулирана, ниту пак била подеднакво понудена на сите актери.

„Големото прашање не е само во формулацијата, туку и кредибилитетот на неговиот автор. Им се придружувам на оние кои мислат дека ова е политички маркетинг, а не сериозна иницијатива“, изјави Ѓукановиќ.

Претседателот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ изјави дека се плаши дека Западен Балкан „ќе падне како зрела круша“ во скутот на рускиот претседател Владимир Путин.

Членот на Претседателството на БиХ, Шефик Џаферовиќ изјави дека не мисли оти САД и ЕУ ќе го препуштат Западен Балкан на странски влијанија.

„САД направија многу, па такви заклучоци би можеле да имаме само врз основа на моменталната ситуација и недоволното ангажирање“, рече Џаферовиќ.

Тој рече дека е убеден оти нема да се создадат нови граници и територии на Западен Балкан.

Протести во Србија, блокиран сообраќај во неколку градови

Србија - Демонстрантите кои беа запрени од полицискиот кордон на улицата Кнез Милош, се враќаа во центарот на градот. Групата демонстранти се приклучаја на групата која успеа да го блокираат автопатот. 27.11.2021.

Демонстранти денеска блокираа патишта и мостови во повеќе градови во Србија, а како што јавуваат новинарите на Радио Слободна Европа, дошло и до туркања со припадници на Министерството за внатрешни работи.

Силни полициски сили се обидоа да ги спречат демонстрантите да го блокираат мостот Газела во Белград, но сообраќајот беше блокиран.

Полицијата блокираше и неколку групи граѓани во други делови од градот, а блокиран е сообраќајот и на улицата „Кнез Милош“, која е една од централните во главниот град.

Сообраќајот е блокиран и кај Сава Центарот, односно во делот од автопатот.

Во исто време, демонстрантите се собраа на мостот „Дуга“ во Нови Сад, како и на една раскрсница во центарот на градот во Војводина. Дојде до немири при обидот на полицијата да ја спречи блокадата, кога беа уапсени неколку демонстранти.

Акцијата ја организираа неколку невладини организации во знак на протест против измените на Законот за референдум и на Законот за експропријација кои беа усвоени во Собранието на Србија.

Организаторите на протестите веруваат дека овие закони претставуваат удар врз приватната сопственост на граѓаните, како дека се донесени во корист на приватните компании, наведувајќи ја како пример компанијата Рио Тинто, која планира да експлоатира литиум во западна Србија.

Властите во Србија за тој проект најавија дека граѓаните ќе се изјаснат на референдум.

Еколошките активисти сметаат дека е проблематична предложената одредба која овозможува постапките поврзани со експропријација на земјиште, односно конфискација на приватен имот поради проект од јавен интерес, да се спроведуваат по итна постапка во рок од пет плус три дена.

Исто така, сметаат дека е проблематично и укинувањето на цензусот од 50 отсто од запишаните гласачи за референдум.

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ на 23 ноември изјави дека измените во законот немаат врска со Рио Тинто, наведувајќи дека компанијата веќе го купила целото потребно земјиште од народот и дека нема ниту една парцела кој треба да се експроприра.

Таа додаде дека ваков закон за експропријација се носи со цел да се забрзаат инфраструктурните работи, особено кога како пречка се појавуваат диво изградени објекти.

Кога станува збор за Законот за референдум, Брнабиќ рече дека тој е во согласност со Уставот од 2006 година.

Груби - Оставката на Заев од функцијата премиер треба да почека

Архива - Првиот вицепремиер на Владата на Северна Македонија, Артан Груби.

Оставката на Зоран Заев на местото премиер на Владата на Република Северна Македонија треба да почека, изјави денеска првиот вицепремиер Артан Груби.

„Имаме многу битни прашња пред нас во месеците коишто следат и сметаме дека заедно со Заев на чело на таа Влада ќе треба да ги заокружиме сите процеси, вклучително и испраќање на позитивен одговор на сите прашања коишто се дел од дијалогот со соседна Бугарија за да се откочи патот кон добивање на датум за првата меѓувладина конференција и отпочнување на преговори за членството во ЕУ“, изјави Груби.

Вицепремиерот денеска беше во посета на Основното училиште „Исмаил Ќемали“ заедно со европратеникот Илхан Ќучук.

Инаку, СДСМ вчера на 26 ноември му ја утврди оставката на претседателот на партијата и актуелен премиер Зоран Заев и распиша внатрепартиски избори за 12 декември за избор на нов лидер на партијата.

Заев, одлуката да се повлече од позицијата претседател на партијата и премиер на државата ја најави на 31 октомври, по вториот круг од локалните избори на кои СДСМ загуби од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Груби рече дека неговата партија ДУИ ќе ја почитува внатрепартиската одлука на СДСМ за избор на нов претседател и дека тое е нивно внатрепартиско прашање.

Во однос на парламентарното мнозинство, Груби рече дека тоа е стабилно и дека се добредојдени сите што сакаат евроатлантска Република Северна Македонија. Тој додаде дека парламентарното мнозинство ќе се стабилизира и дека ќе биде поголемо од тоа што е сега, односно дека ќе треба да го заврши мандатот во 2024 година.

Димитар Ковачевски најави кандидатура за лидер на СДСМ

Заменик-министерот за финансии и член на Извршниот одбор на СДСМ Димитар Ковачевски.

Димитар Ковачевски – актуелен заменик министер за финансии и член на Извршниот одбор на СДСМ, изјави дека ќе се кандидира за лидер на партијата.

Изјавата средува откако вчера СДСМ му ја утврди оставката на претседателот на партијата и актуелен премиер Зоран Заев и распиша внатрепартиски избори за 12 декември.

Ковачевски изјави дека во рок од седум дена ќе подготви програма и ќе поднесе кандидатура за претседател на СДСМ.

„Постапката е демократска и секој што ги исполнува условите може да се кандидира. Она што е најважно, сите треба да се обединиме околу избраниот претседател“, изјави Ковачевски.

Централниот одбор на СДСМ вчера на 26 ноември по неколку часовна средба ја констатираше поднесената оставка на претседателот Зоран Заев.

Портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска по средбата рече дека од утре почнува да тече рокот од седум дена да се пријават кандидатите за претседател кои исполнуваат услови според статутот на партијата.

Кузеска не даде конкретен одговор на прашањето дали Заев на седницата го предложил актуелниот заменик министер за финансии Димитар Ковачевски за негов наследник.

Таа изјави дека Заев информирал дека парламентарното мнозинство е стабилно и дека во моментов има 61 пратеник без да прецизира кои, а централниот одбор одлучил дека има простор за вклучување и на Алтернатива во мнозинството.

Претходно вчера и опозициската Алтернатива, која има четири пратеници во Собранието, на состанокот на централното претседателство одлучи да влезат во процесот на прговори со кои би станале дел од владиното мнозинство.

Заев одлуката да се повлече ја најави на 31 октомври, по вториот круг од локалните избори на кои победи опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Холандија - Десетици патници од Јужна Африка позитивни на Ковид-19

Патниците чекакт во ред за да направат ПЦР тест против Ковид-19 на меѓународниот аеродром Тамбо во Јоханесбург, Јужна Африка.

Здравствените власти во Холандија на 27 ноември соопштија дека 61 лице кои пристигнале во Амстердам со два лета на авикомпанијата „КЛМ“ од Јужна Африка биле позитивни на тестовите за Ковид-19.

Примероците се проучуваа за да се види дали некоја од инфекциите ја вклучува новата варијанта „омикрон“, која беше идентификувана претходно оваа недела во Јужна Африка и опишана како „загрижувачка“ од страна на глобалните здравствени власти.

Летовите пристигнаа претходниот ден, пред Холандија да го запре воздушниот сообраќај од Јужна Африка.

Исто така на 27 ноември, министер во германската покраина Хесе на Твитер објави дека „неколку типични мутации на „омикрон“ се пронајдени кај патник кој се враќал во Германија од Јужна Африка. Беше наведено се биле спроведени дополнителни тестови.

И официјални лица во Чешка исто така пријавија можен случај на варијанта на омикрон, откриен кај лице кое неодамна беше во Намибија.

„Очекуваме потврда или побивање на случајот“, изјави портпаролката на Националниот институт за јавно здравје Степанка Чечова.

Здравствените власти на Европската унија рекоа дека новата варијанта претставува „висок до многу висок ризик“ за континентот.

Околу 531 друг патник на двата лета на KLM биле негативни на тестот за коронавирус.

Двајца повредени од несреќата во Бугарија хоспитализирани во Скопје

Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Двајца пациентите кои беа повредени во автобуската несреќа во Бугарија, ќе бидат задржани на опсервација.

Пациентка на 17 годишна возраст и пациент на 49 годишна возраст се првите двајца повредени во автобуската несреќа во Бугарија, кои пристигнаа денеска во Скопје и се префрлени на лекување во Клиничкиот центар „Мајка Тереза.“

Двајцата пациенти ги пречека министерот за здравство Венко Филипче. Тој изјави дека тие се стабилни и дека имаат полесни повреди, а ќе бидат задржани на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија.

„Пациентите ќе бидат задржани на опсервација и согласно тоа колку време треба да останат ќе бидат хоспитализирани, после што ќе се направи проценка да се испишат на натамошен домашен третман“, рече Филипче.

Тој додаде дека пристигнале и доктори од Клиниката за психијатрија за да им дадат психолошка помош на пациентите.

„Целосно сме подготвени да ги преземеме овие пациенти и да продолжи лекувањето“, изјави министерот Филипче.

Седум патници беа повредени во автобуската несреќа која се случи на автопатот „Струма“ во Бугарија во која загинаа 45 патници државјани на Северна Македонија, кои се враќаа од Истанбул кон Скопје. Повредените патници се лекуваа во болницата Пиргов во Бугарија.

Луѓето загинаа од задушување во пожарот кој го зафати автобусот на компанијата „Беса трас“, откако се удрил во заштитната ограда на автопатот, како што соопштија надлежните од Бугарија кои ја водат истрагата. Тие рекоа дека причина за несреќата најверојатно е човечка грешка.

Министерството за здравство најави дека другите пет пациенти кои се на лекување во Софија ќе бидат отпуштени во фази во зависност од нивната состојба.

Бајден најави разговори со Путин и Зеленски за можната руска агресија врз Украина

Архива - Рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Џо Бајден на средба пред самитот САД-Русија во Женева. 16 јуни 2021 година.

Претставници на САД и НАТО издадоа нови предупредувања на 26 ноември за можните последици од каква било нова руска агресија врз Украина, при што Вашингтон сугерираше дека „сите опции се на маса“ доколку алијансата биде принудена да одговори на ескалацијата од Москва.

Подоцна, американскиот претседател Џо Бајден на новинарско прашање одговори дека „со секоја веројатност“ ќе разговара директно со рускиот претседател Владимир Путин или со украинскиот претседател Володимир Зеленски, во обид да ги смири тензиите во регионот.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг рече дека Русија собрала борбено-подготвени трупи, тенкови и тешка воена опрема во близина на границата со Украина и ја предупреди Москва дека секоја сила против нејзиниот сосед ќе има последици.

„Ако Русија употреби сила против Украина, тоа ќе има последици“, рече Столтенберг во Брисел.

Москва ги минимизираше неодамнешните извештаи за движењето на нејзините војници како внатрешно прашање. Русија оваа недела започна воени вежби во регионот на Црното Море во близина на Украина.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен и 29 други министри за надворешни работи на НАТО на 30 ноември треба да се соберат во Летонија, а активностите на Русија ќе бидат високо на агендата, по што потоа ќе следува и состанок на ОБСЕ.

Американскиот помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања Карен Донфрид рече дека клучен фокус на европското патување на Блинкен следната недела ќе биде како да се одговори на предизвиците, вклучително Русија и Белорусија.

„Како што можете да сфатите, сите опции се на маса и има комплет алатки што вклучува цела палета на опции“, им рече Донфрид на новинарите.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG