Достапни линкови

Сите функционери што не доставиле информација за имотната состојба


Владата останува на заклучокот оти обврската за доставување на листовите за имотната состојба во комисијата за борба против корупцијата за владините функционери ќе претставува не само прашање за почитување на законот.

„Тој ќе биде еден од клучните критериуми дали тие наименувани функционери ќе останат на тие позиции,“

потсетува портпаролот на владата Сашо Чолаковски по истекувањето на рокот до кој владините функционери требаше да одговорат на обврската

„Има мала правна дилема околу тоа дали владата може и според кој закон може да ги разреши. Секако дека може, тоа е според законот за државни службеници. Значи, тие што не ја исполниле оваа обврска владата презема обврска да ги разреши,“

додава Чолаковски.

Претседателот на државната комисија за борба против корупцијата Слаѓана Тасева најави оти конечната бројка за одзивот на функционерите во однос на обврската да ги достават своите имотни листи ќе биде соопштена во вторник.

„Околу 1500-1600 треба да стигнат. Имаме прилично добар одзив на пополнувањето на анкетни листови и веќе се стигнати околу 1000 анкетни листови. Очекуваме дека дел ќе стигнат и по пошта и тие ќе бидат земени во обработка во понеделник и во вторник.“

Имотните листови кои пристигнуваат по пошта ќе бидат прифатени доколку се пратени на датумот кога истекува последниот рок од обврската вели Тасева:

„Ќе имаме официјално соопштение за тоа колку се стигнати анкетни листови, од кои обврзници, односно која група на лица коишто имаат обврска да поднесат поднеле во најголем број.“

А, откако комисијата ќе ги сумира резултатите за тоа колку лица го пријавиле имотот, владата ќе ја разгледа таа информација и ќе постапи според заклучокот. Оваа обврска за пријавување на имотната состојба и овозможување целосен увид во неа на што претходно одговорија пратениците и министрите, владата ја образложи како еден од чекорите на планот на борбата и превенцијата од корупцијата во државата.
XS
SM
MD
LG