Достапни линкови

Доста Димовска, директор на Агенцијата за разузнавање. Некому му е потребно да создаде тензии во државата


Во медиумите има шпекулации на релација Вие и партијата ВМРО-ДПМНЕ на која сте еден од основачите. Каде сте Вие во оваа работа?

Моментално сум директор на Агенцијата за разузнавање и од тие причини, во согласност со законот, не се појавувам често во јавноста со политички коментари, а тоа нема да го направам и овој пат. Од друга страна, пак, секојдневно се јавуваат оркестрирани од еден центар, од едно место, разни написи, шпекулации, небулози, разни конструкции околу мојот ангажман и наводно на некакви активности, на свикување на одредени собири на незадоволници итн. Најголемиот дел од тие шпекулации не се точни. Јас го демантирав она што беше објавено во весникот „Дневник“ дека со Борис Змејковски ќе ја преземам партијата. Борис Змејковски е мое политичко минато, а не иднина. Откако ја дадов оставката измина една година и до ден денес никој од партијата не ме повикал ниту да разговара за причините за оставката, ниту да разговара за состојбите во партијата. Сепак, како еден од основачите на партијата, заслужив барем да бидам сослушана за причините за оставката, но бев игнорирана, така што не е точно дека било кое партиско тело разговарало на таа тема со мене. Јас тоа не можам да го оправдам, но го разбирам со оглед на состојбите. Во овој изминат период, за жал, голем дел од моите претпоставки се потврдија околу погрешната политика што ја води партијата. Очекував дека после изборниот пораз партијата ќе направи едно претресување на состојбите во неа, дека ќе најде сили да се реформира, да се возобнови и да ги исправи грешките од претходниот период. Или, пак, ако оценува дека е на вистинскиот пат, тоа да го претресе со членството и со партиските органи. Но,за жал, до ден денес тоа се уште не се случи, така што со оглед на досегашното однесување, не очекувам дека има простор за мене и сличните на мене за некаков поконкретен партиски ангажман. Ќе видиме како ќе течат работите во претстојниот период. Доколку ВМРО-ДПМНЕ се модернизира многу брзо и се врати на она што е партиска програма од 1998 година, и кадровски се доекипира и освежи, во тој случај може голем дел од членството што сега е на страна да се активира. Но, лично гледајќи ги настаните и нападите што сега се оркестрираат од тоа место против мене, не очекувам такви постапки, така што во наредниот период ќе решам како ќе се ангажирам политички. Во овој период ќе останам на функцијата директор на Агенцијата за разузнавање, а дали мојот политички ангажман ќе биде активиран во блиска иднина, ќе зависи од многу работи.

Постојано сме сведоци на најави за офанзиви. Со оглед на ова, ваша оценка за безбедносната состојба?

Сигурно треба да повеќе апсекти да се разгледува безбедносната состојба за да се даде оценка за неа. Јас нема да навлегувам во детали. Можам да кажам дека постојано се создава една состојба на тензичност, значи очигледно на некој му треба таква политичка храна – постојано да се говори за некакви офанзиви, за некакви големи опасности по безбедноста и стабилноста на државата. Факт е дека во однос на претходната година имаме подобрување на севкупната безбедносна состојба, но очигледно е дека во кризниот регион се уште има голема работа за нашите безбедносни структури. Неопходно е да се воспостави јавен ред и мир, да се спротивставиме на криминалните вооружени банди коишто секојдневно дејствуваат во овој регион и да се воспостави целосна контрола. Од друга страна, пак, со засилено обезбедување да се овозможи и постабилна граница и да се оневозможат упадите на криминални и екстремни групи од територијата на Косово. Во текот на 2003 година лично не очекувам поголеми конфликти, но факт е дека има обиди на помали групи на екстремни поединци – тука спаѓаат и криминалните банди – за предизвикување на инциденти, за држење на една тензична состојба, а исто така и за урбан тероризам. Но, уверена сум дека со континуирано следење на состојбите и опасностите и заканите од надвор, како и со работата на останатите безбедносни структури на Република Македонија, дека ќе може да се спречи евентуалното предизвикување на поголеми инциденти коишто можат да ја загрозат безбедноста и стабилноста на Република Македонија.

Во контекст на ова, важна е соработката меѓу безбедносните структури во државава. Каква е таа?

Ние гледаме да ги завршиме нашите задачи како што можеме најдобро и да соработуваме со останатите безбедносни структури. Со министерството за одбрана имаме извонредна соработка, со еден дел од МВР имаме соработка, но можам да кажам дека, за жал, со Управата за безбедност и контраразузнавање не е доволна соработката. Потребна е поинтензивна соработка, пред се во размената на информациите. Ние сме на местата на кои сме заради безбедноста и стабилноста на нашата држава, а не за лична симпатија или антипатија, така што неопходна е поголема соработка.
XS
SM
MD
LG