Достапни линкови

Стабилноста во Македонија и натаму проблематична


Стабилноста и натаму е проблематична во Македонија, е насловот на текстот во денешен Вашингтон Пост во кој се додава - националистите се огорчени, а новата влада во која се и поранешните бунтовници, ги гони екс функционерите.

Повторно се кренаа тензиите околу проблемот со специјалните полициски единици Лавови, но за среќа, кризата е надмината со компромис според кој дел од припадниците на оваа единица треба да останат на работа. Меѓутоа, овој случај потсетува дека Македонија и по година ипол од воениот конфликт и натаму е нестабилна, пишува Вашингтон Пост. Покрај најавата дека Лавовите ќе бидат распуштени, новата влада најави дека приоритет ќе биде и битката против корупцијата. Весникот ја пренесува изјавата на екс министерот за финансии Никола Груевски кој вели: Луѓето кои се бореа во одбраната на државата сега имаат проблеми и се лошите момци, додека од друга страна, луѓето кои беа терористи сега се во парламентот и во владата и се борат против корупцијата. ВМРО ДПМНЕ и некои западни дипломати сметаат дека анти-корупциската кампања досега е само дел од политичката одмазда на новите лидери. Тие ги гонат само припадниците на ВМРО, тоа е впечатокот што се добива, изјавил еден западен дипломат за Вашингтон Пост. Други дипломати велат дека има и сериозни причини за таквите постапки, бидејки, поради корупцијата Македонија годишно губи по 150 милиони долари. Загриженост кај дипломатите, според Вашингтон Пост, предизвикува и фактот што новата влада ги игнорира безбедносните проблеми. Претставници на ОБСЕ потврдуваат дека има банди на униформирани албанци во околината на Тетово, но сметаат дека тие не се вистинска закана за мировниот процес. Но според ВМРО-ДПМНЕ, етничките албанци во Македонија нема да застанат и ќе настојуваат да ја поделат земјата. Аналитичарите, пак, велат дека повеќето од граѓаните на Македонија не сакаат обновување на конфликтот. Оттука, заклучува весникот, на Македонија сеуште и треба западно присуство. Вашингтон Пост на крајот ја пренесува изјавата на Слаѓана Тасева, која е на чело на парламентарната анти-корупциска комисија, која вели: Ние сме млада демократија, ни треба време, немаме професионални политичари и сеуште ни треба меѓународната заедница за да ни ги решава проблемите или да ни кажува како да го правиме тоа.
XS
SM
MD
LG