Достапни линкови

Отворање на прашања дефинирани во Охридскиот договор враќање назад


Отворањето на прашања кои се дефинирани во Охридкиот договор претставува враќање назад. Постои рамковен договор, а врз негова основа и уставни промени, како и институции кои го надгледуваат нивното спроведување, согласно со ова барањата за промени се однапред изгубена битка, изјави професорот на Правниот факултет Ѓорѓи Иванов.

Конкретно за барањата кои се во контекст на употреба на албанскиот јазик поради кои е блокирана и работата на собраниските комисии со кои претседаваат пратеници Албанци Иванов вели дека се проблематизира работа која е дефинирана

„Точно е наведено каде се користи албанскиот јазик и до кое ниво. Нема потреба сега како иницијатива да се покренува нешто што е веќе решено. Во прашање се политички игри и тие се наменски, пред се да покажат дека нешто работат членовите на ДУИ, бидејќи се покажа дека не се многу вични во политичкиот процес“

Што се однесува пак на барањето за двојазични пасоши професорот со став

„Не може пасош да биде со два јазика. Ако е со два јазика, тоа е одраз на државата која го издава. Значи, тоа е федерација, така што и мали и големи букви, тоа што сега албанскиве претставници имаат фикс-идеи, е само да го залажат своето членство дека нешто работат. Инаку, тоа е регулирано со Охридскиот договор – се знае дека државата е унитарна и јасно е дека пасошот како документ што го имаат граѓаните не може да биде двојазичен. Точно е наведено каде се користи албанскиот јазик и до кое ниво.“

Повторното отворање на веќе дефинираните работи според Иванов е последица на однесувањето на македонските политичари:

„Македонските политичари премногу си дозволија да се впуштат во нешто што е прашање на консензус и тие дури излегоа вон институциите да го направат она што е Охридскиот договор. И затоа кај македонската јавност има негативен однос кон тој Охридски договор. Суштината е во тоа тие што се нафатиле да се бават со политика конечно да сфатат колку е сериозна политиката – тука нема паушални изјави и импровизации, туку постојат институции, процедури и уставен поредок и меѓународни стандарди“.

Иванов укажува дека повеке нема простор за дебати околу рамковниот договор, односно Уставот, туку треба само да се работи на имплементација на веке договореното.
XS
SM
MD
LG