Достапни линкови

Забрзување на структурните реформи за зголемени инвестиции


Здравото макроекономско опкружување и забрзувањето на структурните реформи се меѓу најзначајните столбови за инвестирање во Македонија и на тој начин за економски раст и за елиминирање на сиромаштијата – вели министерот за финансии Петар Гошев спроти почетокот на преговорите со Меѓународниот монетарен фонд:

„Обновувањето на соработката со ММФ ќе претставува позитивен сигнал за меѓународната заедница и потврда за здравата макроекономска политика и реформската ориентација на владата на Република Македонија. Воедно, со склучувањето на аранжманот со ММФ, ќе се овозможи користење на средствата ветени на донаторската конференција и поголем прилив на странски инвестиции“.

Главниот двигател на економскиот развој, смета Гошев, ќе биде развојот на малите и средните претпријатија, како и инвестициите во јавниот сектор. При ова, улогата на меѓународната заедница е несомнена:

„Особено значаен акцент во политиката на инвестиции ќе се даде на секторот на малите и средни претпријатија, бидејќи тој претставува фелксибилен развоен фактор способен за побрзо креирање на работни места. Дополнителен импулс во развојот на малите претпријатија ќе претставува поддршката од Банката за микрофинансирање формирана од страна на ЕБРД, Меѓународната финансиска корпорација, Кредитната банка за развој, која ќе биде специјализирана за финансирање на претприемачки иницијативи. Во 2003-та година се предвидени инвестиции во патната мрежа од Европската банка за обнова и развој и Европската унија во заштитата на животната средина со неповратна финансиска помош од владата на Република Германија во вкупен износ од 13,8 милиони евра. Освен тоа, во секторот за наводнување, со обезбедените средства од буџетот на државата, неповратната помош од владата на Холандија и кредитните средства од Светската банка ќе продолжи реализацијата на проектот за рехабилитација и реконструкција на повеќе хидромелиоративни системи и системи за одводни води“.
XS
SM
MD
LG