Достапни линкови

Подобра соработка со инспекторите за оружје


Багдад денеска вети дека ќе ја подобри соработката со инспекторите на Обединетите Нации за разоружување. Шефот на инспекторите за оружје Ханс Бликс по дводневните разговори со ирачки официјални претставници изјави дека Ирак и Обединетите Нации потпишаа договор од десет точки со кој би требало да се подобри ирачката соработка со инспекторите. Тој, прецизира дека со договорот се предвидува оти на инспекторите ќе им биде дозволено да влезат во сите сомнителни места, вклучувајќи ги и приватните резиденции.

„Пристапот ќе се спроведува и ќе продолжи во сите места. Ирачката страна ќе ги охрабри лицата да прифатат пристап и до нивните приватни резиденции.“

рече Бликс. Тоа го повтори и вториот шеф на инспекторискиот тим Ел Барадеи:

„Добив чувство дека тие сфатија некои пораки што се обидувавме да им ги испратиме. се надевам дека во наредните денови или недели ќе видиме подобра соработка од нив.“

изјави Ел Барадеи. Вчера американскиот секретар за одбарана Доналд Рамсфелд порача дека недостигот подобра соработка од Багдад претставува материјален доказ дека не сака да ги прифати обврските за разоружување.

„Процесот што сега се одвива не е за тоа дали нешто ќе биде најдено. Тој процес всушност претставува тестирање на нивото на соработката што ирачкиот режим го покажува спрема Обединетите Нации.“

Американскиот советник за национална безбедност Кондолиза Рајс пак, од своја страна ја повтори позицијата на Вашингтон дека Соединетите Држави немаат намера да му дозволат на Садам Хусеин преку дипломатија да ги одложува обврските за разоружување

„Ние немаме луксуз да му дозволиме на Садам Хусеин уште еднаш да ја измами меѓународната заедница како што го правеше тоа во изминативе 12 години.“

Инаку, според Рамсфлед, војната би можело да биде избегната доколку Хусеин со соработниците и нивните семејства го напуштат Ирак.
XS
SM
MD
LG