Достапни линкови

Сите земји од Балканот ќе станат членки на ЕУ


Грција пред две недели го презеде претседавањето во Европската Унија. Задача која, со оглед на очекуваната неизвесност на меѓународната сцена, односно евентуалната војна против Ирак, претставува предизвик за Атина во наредните шест месеци. Тука пред се, според аналитичарите, ќе бидат тешкотиите со кои ќе се соочи еден од грчките приоритети за време на претседавањето, а тоа е промоцијата на покохерентна надворешна и одбранбена европска политика. Грчкиот премиер Костас Симитис вели дека е во постојан контакт со другите членки на Унијата во градењето заедничка позиција за Ирак.

„Јас контактирам и со премиерите на земјите кои се членки на Советот за безбедност. Разговараме со цел да дојдеме до заедничка позиција. Засега е рано да се каже кога тоа ќе биде и постигнато.“

Според очекувањата, позицијата би требало да биде појасна кон крајот на месецов кога министрите за надворешни работи на Европската Унија ќе се состанат во Брисел за да разговараат за извештајот на инспекторите за оружје во Ирак кои на 27-ми јануари треба да му го достават на Советот за безбедност. Грчкото претседавање и покрај тешкотиите со Ирак се очекува да кулминира на 16-ти април кога во Атина, десете поканети земји да влезат во Унијата ќе ги потпишат нивните асоцијативни договори. И грчкиот премиер Костас Симитис и претседателот на Европската Комисија Романо Проди велат дека проширувањето нема да запре тука, ниту пак со влегувањето на Бугарија и Романија предвидено за две илјади и седма година.

„Испративме јасна порака дека вратата на Европската Унија е отворена и оти Балканот стрикно и припаѓа на Европа. И покрај тоа што е потребно уште многу работа, сите Балкански земји ќе станат членки на Унијата.“

изјави Проди, кој прецизира дека државите од Западен Балкан нема сите заедно да влезат во Унијата. Тоа значи дека доколку некоја земја е подготвена за членство не ќе мора да ги чека другите додека не ги постигнат евро стандардите. Аналитичарите сметаат дека овој процес би започнал со Хрватска која веќе соопшти дека наскоро ќе побара статус на кандидат за членство во Европската Унија. Проди и Симитис веќе најавија дека дебатата за границите на Европа би требало да биде покрената за време на грчкото претседавање. Според нив, Унијата би прифатила секоја земја која ги прифаќа европските принципи и владеењето на правото и во која постојат економски и социјални услови што им овозможува да учествуваат во европскиот развој.
XS
SM
MD
LG