Достапни линкови

Заедничка стратегија за приклучување во ЕУ и НАТО


Посетата на хрватскиот министер за надворешни работи Тонино Пицула е договорена и најавена за време на самитот на ЦЕИ што се одржа во Скопје, кога Загреб и Тирана и официјално ја прифатија идејата за синхрон настап и соработка на Македонија, Хрватска и Албанија за членство во НАТО и ЕУ. Оттаму, ова беше доминантна тема и на денешните разговори.

„Се согласивме со колегата Пицула дека принципот на информираност и взаемна поддршка се и треба да останат еден од клучните елементи како во билатералните односи, така и во севкупната соработка,“

рече министерката Митрева и додаде дека на средбата на државните секретари на трите земји:

„Ќе биде разгледан драфтот на заедничката повелба помеѓу Хрватска, Албанија и Македонија со соодветно учество на САД, тоа што треба да претставува основа за една декларација што во март месец треба да ја потпишат претседателите, премиерите или министрите на трите земји.“

Наша заедничка цел е да ја отвориме европската перспектива за нашите граѓани, рече Пицула и додаде:

„Мислам дека тоа зборува повеќе за нашата меѓусебна соработка, отколку 23-те меѓудржавни договори што досега се потпишани. Мислам и се надевам дека првата половина на новата година ќе донесе многу добри вести за европската интеграција и перспектива како на Хрватска, така и на Македонија.“
XS
SM
MD
LG