Достапни линкови

Поплавени над двесте станбени објекти во Куманово


Излевањето на двете реки, Липковска и Коњарска, по вчерашните поројни дождови, ноќеска поплави над двесте станбени објекти во две кумановски населби, при што над 600 лица беа евакуирани и сместени во зградата на Месната заедница Средорек. Повредени и човечки жртви за среќа нема, а од водената стихија оштетени се пет трафостаници, поради што тој дел од градот се уште е без електрично напојување, а голема штета е нанесена и на деловниот простор на комуналното претпријатие „Водовод“. Првичните проценки за материјалната штета се над 100 илјади евра. Мобилните екипи за санирање на состојбите во соработка со општинскиот кризен штаб преземаат интензивни мерки, а Црвениот крст и угостителското претпријатие „Бисерка“ на поплавените жители им обезбедија кебиња, душеци и храна. Електродистрибуцијата „Светлина“ од Куманово, како што рече директорот Сашо Петрушевски, денеска ќе ги отстрани дефектите така што

„Во текот на денот граѓаните сто насто ќе бидат снабдени со електрична енергија“.

Поплавата за среќа е само од големиот дотек на реките, а не и од липковските акумулации кои се под контрола, но штетите на водоводот, според директорот Станко Ќуриќ се големи и според првичните проценки тие изнесуваат

„За сума не би можел да кажам, но мислам дека штетата изнесува преку 50 илјади евра“.

Екипите на Заводот за здравствена заштита од Куманово преземаат мерки за заштита од појава на заразни болести. Тоа предвидува

„за да се спречи појава на заразни заболувања, тоа предвидува по санирањето на состојбата една дезинфекција, а секако ќе видиме и со начинот на користење на водата за пиење“ – вели доктор Мимоза Петковска.

Кризниот штаб будно ја следи состојбата, а најавени се и превентивни мерки за спречување на нови можни поплави.
XS
SM
MD
LG