Достапни линкови

Изборите главен политички настан на годината


Во годината што изминува, главен политички настан беа четвртите парламентарни избори, што беа одржани на 15-ти септември. Голем дел од работите што се случија пред и потоа, директно или индиректно беа во врска со нив. Настаните за време на предизборната кампања, најавуваа бурен изборен процес, многу инциденти и разидувања меѓу партиите за повеќе прашања, меѓу кои и за значењето на изборите.

„Претстојните парламентарни избори се од огромно, исклучително, историско значење,“

беше ставот на лидерот на опозицијата Бранко Црвенковски, а владеачките партии со поинакво мислење:

„Овие избори ќе имаат само демократско значење, никакво друго значење,“

велеше Арбен Џафери.

Сепак, спротивно од очекувањата, денот на гласањето мина мирно и без поголеми инциденти.

„Овие избори беа најдемократски и најфер откако се памети парламентарниот живот во Република Македонија,“

изјави тогашниот премиер Љубчо Георгиевски, признавајќи го изборниот пораз. Слична беше оценката и на меѓународните набљудувачи на изборниот процес.

„Македонското општество го положи тестот, а граѓаните на оваа земја направија голем чекот што е важно за развојот на демократијата,“

рече Кимо Киљунен од ОБСЕ.

И пописот на населението што се изведе во првата половина на ноември, доби позитивни оценки од меѓународните претставници.

„Јасно е дека попишувањето забележа значаен напредок и мина во добра атмосфера, без поголеми инциденти. Во основа ова беше добар попис.“

изјави претставник на ЕУРОСТАТ.

Крај на годината и почеток на новата мисија на НАТО во Македонија „Сојузничка хармонија“, која доаѓа по 15 месечниот престој на „Килибарните лисици“. За сега главната разлика е помалиот број војници, но промена што може да настане веќе во првите месеци од новата година е преземање на мисијата од страна на ЕУ.

„Не гледам зошто ЕУ не би го презела оперативниот дел од мисијата доколку условите за тоа бидат исполнети,“

изјави за време на посетата на Скопје генералниот секретар на НАТО Џорџ Робертсон.

Во почетокот на март кај месноста „Раштански лозја“ беа убиени седум лица, кои според МВР биле муџахедини и терористи од Пакистан чија цел била да извршат напади врз македонски функционери и странски амбасади, што беше примено со резерва од меѓународните претставници.

Овој настан повторно беше актуализиран во почетокот на декември, кога експлодира бомба во македонскиот почесен конзулат во пакистанскиот град Карачи, при што загинаа три лица. Се шпекулираше дека нападот е извршен во знак на одмазда за убиените кај „Раштански лозја“.

Во март беше донесен законот за амнестија, за кој се сметаше дека е услов за враќање на полицијата во кризните региони. На 2-ри април, мешаните полициски патроли влегоа во селата Шипковица и Слупчане, последните упоришта на поранешната ОНА во тетовскиот и кумановскиот кризен регион.

Проблем што се провлекуваше во текот на целата година, а не му се наѕира крајот е и прашањето на киднапираните лица за време на воената криза. Нивните семејства сеуште бараат каква било информација.

„До ден денеска немаме никакво сознание.“

Без решение е и проблемот на неколкуте илјади раселени сместени во семејства и во прифатни центри.

Долг период од минатата година, јавноста беше преокупирана и од случувањата во МПЦ, односите со СПЦ, така наречениот „Нишки договор“ и идејата за преименување во охридска архиепископија беа причина за сериозни несогласувања во Синодот на МПЦ. Тогаш најголем противник на таквите намери беше владиката Кирил.

„Дадени сме од бога да опстојуваме и како посебен народ, и како посебна самостојна црква и ќе опстојуваме.“

Епилогот беше расчинување на велешкиот владика Јован, кој подоцна беше назначен за егзарх на СПЦ во Македонија.

Во прегледов и за убавите работи. На 19-ти мај се случи најголемиот успех во историјата на македонскиот спорт. Ракометарките на Кометал Ѓорче Петров станаа европски шампиони. По триумфот улиците на Скопје заличеа на Рио од карневалските денови, а дека на нашиот човек не му треба многу за да се радува покажа и славјето откако македонската фудбалска репрезентација играше нерешено со Англија во Саутемптон.

На 3-ти март, 33 годишната Билјана Илиевска од Вевчани роди три ќерки и два сина, што е прва петорка родена во Македонија.

На крајот, наместо заклучок, оценката за она што се случуваше во изминатите 365 дена, според претседатлот Борис Трајковски е поволна.

„Годината на заминување донесе стабилизирање на вкупните безбедносни состојби во државата, парламентарните избори, пописот и трансферот на власта, без изведени според сите правила на европските демократии.“

Сличен е ставот и на меѓународните претставници во земјава.

„Мислам дека имавме многу добра година, со мирно спроведени избори, со успешен попис и со намалени тензии. Македонија треба да се насочи кон имплементација на рамковниот договор, економско заздравување и евро атлантска перспектива,“

рече амбасадорот на НАТО во Македонија Николас Бигман.
XS
SM
MD
LG