Достапни линкови

Георгиевски нема да учествува на лидерската средба кај Трајковски


Најавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски дека нема да учествува на лидерската средба, што треба да се одржи на 26-ти овој месец е потврдена на денешната седница на Централниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ваквиот негов став е поддржан и од општинските комитети и од членовите на Централниот комитет,“

изјави портпаролот на партијата Влатко Ѓорчев.

На централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ усвоена е и декларација против загрозувањето на политичкиот плурализам и демократијата во Македонија и против кршењето на човековите права, во која меѓу другото оваа пртија ја предупредува новата влада дека нејзините чекори против оваа партија и против државата ќе резултираат со одговор на опозицијата.

„Проблемот не е во ВМРО-ДПМНЕ, туку во самите дејства на албанските терористи, како и недемократските методи, комунистичко-сталинистичките методи на новата власт. Острицата на албанскиот екстремизам се насочува кон Куманово, Скопје, Струга и Кичево. Додека пак, Тетово, Гостивар и Дебар ги сметаат за веќе заземени, а на среден рок се врши подготовка и за загрозување на градовите Велес, Битола, Ресен и Охрид.“

Ѓорчев додаде дека ако продолжи праксата на новата влада, тогаш покрај неучеството на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ на пленарните седници тие и на подолг рок може да излезат од собраниските клупи.

Инаку, денеска седница на ЦО одржа и СДСМ, на која е утврдена платформата за работа на партијата до 2007-та година, а утврдени се и нацрт промени на статутот, со кој се предвидува, покрај функцијата генерален секретар на партијата да бидат воспоставени и две нови функции, организационен секретар и секретар за меѓународни работи на партијата.

„Нацрт промените на статутот придонесуваат за натамошно поусовршување на организационото функционирање на партијата.“

изјави портпаролот на СДСМ Игор Ивановски.
XS
SM
MD
LG