Достапни линкови

Македонско – албански разговори за границата


Иницијативата на НАТО за формирање на заедничко координативно тело меѓу Македонија и Албанија кое по пат на размена на офицери за врски треба да работи и на операции за граничното обезбедување и во кое треба да бидат вклучени претставници од министерствата од двете земји, е темата на разговорите на денешната средба на албанскиот министер за одбрана Пандели Мајко со неговиот македонски колега Владо Бучковски што се одржува во Скопје.

„Начелно се разговара за неколку активности, значи за размена на офицери за врски и разговори на експертско ниво околу билатералната соработка и граничното обезбедување и интензивирање на соработката на началниците на генералштабовите и командантите на караулите на македонско – албанската граница,“

изјави портпаролот на министерството за одбрана Мајран Ѓуровски.

Оваа иницијатива на која се разговара на средбата на Мајко со министерот Бучковски, а за која ќе стане збор и на средбата со претседателот на државата Борис Трајковски треба да биде операционализирана со еден акционен план кој треба да биде разработен на претстојната конференција за безбедност на границите на Балканот што треба да се одржи на пролет во Македонија.

„Она што ќе биде договорено се очекува да биде ратификувано и поминато на владите на двете земји.“

Инаку, по претстојното интензивирање на соработката меѓу Македонија и Албанија во делот на обезбедувањето на границата позитивно го оцени и специјалниот претставник на НАТО за Балканот, Роберт Сери кој пред еден месец претстојуваше во Македонија во функација на подготовки за претстојната конференција за безбедност на границите во регионот.

„Ние сакаме отворени, но добро контролирани граници,“

рече тој пред заминувањето од земјава.
XS
SM
MD
LG