Достапни линкови

Исполнување на синдикалните барања, или работнички протести


Договор со ваква содржина досега социјалните партнери немаат потпишано, тврдат првите луѓе на Сојузот на синдикатите на Македонија. Се работи за договор што гарантира исполнување на правата на работниците, вели Мато Симоновски, шеф на кабинетот на првиот синдикалец:

„Ова е првпат, ова е историски документ меѓу синдикатот и владата за потпишување на толку широк круг на прашања коишто се од интерес на нашето членство“.

Сите досега потпишани колективни договори меѓу работниците и работодавците ќе бидат ратификувани најдоцна до завршувањето на првиот квартал од наредната година.

„Владата се обврзува дека ќе изготви регулатива за воспоставување на систем на плати за вработените во јавниот сектор, во насока на воспоставување на еднакви критериуми како основа за примена на колективните договори. Ова е многу важно за Сојузот на синдикатите. Овие активности треба да започнат во првиот квартал од 2003-та година,“

вели Матовски.

За првпат според овој социјален договор Синдикатот ќе земе активно учество во спроведувањето на контролата во досега приватизираните компании:

„Ќе се изврши контрола на сомнителни приватизации по строго дефинирана процедура. Сојузот на синдикатите на Македонија ќе се обврзе на поддршка и учество во овој процес, пред се со давање на индиции за постоење на нерегуларности и злоупотреби“.

Законот за загубарите ќе се донесе по донесувањето на стенд-бај аранжманот, а ќе се пролонгира и донесувањето на законот за пензиско и инвалидско осигурување, кој го регулира формирањето на приватните пензиски фондови. Од потпишаниот социјален договор со претходната влада синдикатот е делумно задоволен и додаваат дека елементите кои не се реализирани се вметнати во новиот договор:

„Тој договор во јавниот сектор е реализиран 70% затоа што тој договор не ги опфати вработените во министерствата за одбрана и полицијата.

Доколку и вака убаво срочениот договор не даде резултати, односно доколку владата не ги исполнува обврските во дадените рокови, синдикатот најавува повторно реактивирање на работничките протести.
XS
SM
MD
LG