Достапни линкови

Проблеми со толкувањето на новиот деловник на Собранието на Македонија


Деловникот за работа на Собранието, согласно со сутавните промени, го предвиде правото на пратениците кои се најмалку 20% од населението во државата да го користат мајчиниот јазик во работата на собраниските тела.

„ Меѓутоа, ваквото право не е проширено и на водењето на собраниските седници, односно раководењето со работните тела и комисиите во ссобранието. Ова децидно не е утврдено во деловникот, но е сосема јасно дека претседателот, потпретседателите на Собранието, односно претседателите на работните тела и комисиите се избрани од редот на мнозинството пратеници во собранието, така што тие ги претставуваат сите тие пратеници а со тоа и граѓаните на Македонија“ – цели Тања Каракамишева од Правниот факултет во Скопје во врска со дилемата дали пратениците Албанци можат да ја водат седницата на сопствениот јазик или пак само да се обраќаат на тој јазик како дискутанти во работата на Собранието и собраниските тела.

Според пратениците од албанскиот политички блок ова прашање треба да биде допрецизирано во деловникот за работа на Собранието.

„ Мислам дека тоа не е јасно решено. Тука е во прашање улогата претседавач. Очигледно не е решено прашањето дали како претседавач, може да ја води седницата на една комисија на или пак само да се обрати како дискутант“ – вели Мерсал Билали, поранешен пратеник на ПДП кој учествуваше во изготвувањето на овој собраниски акт.

„ Но, тоа е прашање кое ќе бара толкување првенствено од матичната комисија како што е деловничко-имунитетната комисија“.

Каракамишева не се согласува дека има потреба од измена на собранискиот деловник, туку укажува дека станува збор за кршење на деловникот секогаш кога еден пратеник ја води работата на собраниската комисија на својот мајчин, а не на службениот јазик на државата, односно на македонски јазик.
XS
SM
MD
LG