Достапни линкови

Одгласи на пратениците по излагањето на претседателот Трајковски


„ Одлучив да присуствувам на денешната собраниска седница за да докажам дека го почитувам претседателот на државата“ – изјави по денешното обраќање на претседателот на државата лидерот на ДУИ Али Ахмети, кој за првпат по парламентарните избори присуствуваше на собраниска седница.

„ Се виде јасно пораката на претседателот на државата до сите парламентарци, како и до сите граѓани дека во Македонија треба да има мир, стабилност и добробит за сите нејзини граѓани“ – изјави лидерот на ДУИ Али Ахмети.

За СДСМ денешниот говор на претседателот коинцидира со експозето на премиерот Црвенковски, вели координаторот на оваа пратеничка група Јани Макрадули:

„ Нас не радува што тие ставови и приоритети коинцидираат со ставовите и приоритетите што во своето експозе ги имаше господинот Бранко Црвенковски. Не радува фактот што се повика на една заедничка соработка и мислам дека е тоа во овој момент многу клучно – да го оставиме минатото зад нас и сите институции на системот, Собранието, Владата, претседателот на Република Македонија да работат за една заедничка цел, како што кажа тој, а тоа е подобрата иднина на сите граѓани на Македонија“.

Додека Мендух Тачи од ДПА говорот на претседателот го потсетувал на речникот од братство-единство:

„ Мислам дека добрите зборови треба да се спроведат во дело. Неговата алергија кон албанскиот јазик покажува дека уште сме далеку од помирување“.

Единствена реакција на пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, партија која не присуствуваше на седницата, беше онаа на поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошковски кој присуството на Ахмети го оцени како

„ потврдено злосторство против Македонија“.
XS
SM
MD
LG