Достапни линкови

Владата да го каже конечниот став за единицата


Припадниците на специјалната полициска единица „Лавови“ ќе прифатат какво било решение за нивниот статус, но тоа треба да им биде соопштено. Синдикатот на лавовите ја оценува како цинична изјавата на министерот за внатрешни работи Хари Костов дека само деветмина од нив ги исполнуваат условите за вработување, бидејќи, како што велат, од друга страна со поранешните припадници на ОНА се прават политички компромиси.

Независниот синдикат на единицата за брзи интервенции „Лавови“ бара од владата и од ресорното министерство за внатрешни работи конечно да им се соопшти што ќе се случи со нив:

„Еднаш некој да има доблест да застане пред 1.200 „лавови“ да каже: „Луѓе, вие сте распуштени, одете си дома. Сега ситуацијата е добра“. Ние седиме тука повеќе од три месеци откако е на власт оваа влада и никој не не посети да ни каже било што, каква и да е вистината. Мислиме дека луѓето заслужуваат да ја знаат вистината, без разлика која е. Значи, ќе го прифатиме сето она што ќе биде кажано, но треба да биде кажано што побргу затоа што луѓето заслужуваат навремено да бидат известени“

изјави Драган Кимовски, претседател на Синдикатот.

Министерот за внатрешни работи, на средбата со „лавовите“, според Тони Михајловски, припадник на оваа единица:

„тој не е компетентен за решавање на статусот на оваа единица, бидејќи тоа може да го стори само владата и Советот за безбедност, но дека лична заложба на министерот ќе биде „лавовите“ да си одат дома.“

Дека само девет припадници ги исполнувале условите за да бидат примени во оваа единица, за „лавовите“ претставува цинизам и дека формално-правните аспекти кои се споменувани од министерот важеле само за припадниците на оваа единица:

„за нас е цинично некој да говори за тнр. формално-правни аспекти кои се применуваат само врз „лавовите“ а таквите да се заменуваат со тнр. политички дијалог и компромис од нужда во сите случаи сврзани со ОНА. Сакаме да го потсетиме министерот дека кога зборува за лавовите, зборува општо за бранителите на Република Македонија и заборава дека говори за луѓе кои се распоредени во армијата и полицијата како резервен состав – не од лани, туку со години наназад.“

Доколку се докаже дека некој ги лажел „лавовите“, изјави претседателот на независниот синдикат Кимовски, тогаш „судот ќе процени дали е направен фалсификат“.
XS
SM
MD
LG