Достапни линкови

Владата свесна за значењето


Барањата за решавање на случајот Раштански лозја, односно убивањето на пет Пакистанци и еден Индиец од страна на македонската полиција која тврдеше дека станува збор за меѓународни терористи, продолжува да биде едно од прашањата со кои се поврзува меѓународниот имиџ на Македонија. Иако без нови детали во истрагата, владата генерално со став:

„Владата е сосема свесна за значењето на случајот Раштански лозја и оттука ја респектира заинтересираноста на меѓународната јавност за целиот овој случај. Во овој момент не можам да говорам за детали, меѓутоа, можам да го кажам генералниот став на владата, а тоа е дека во случаите околу минатогодишната криза, односно војната во Македонија, владата нема намера да прави етнички дистинкции во смисла на тоа кој и какво злодело направил. Значи, доколку се појават сериозни индиции за било кој од овие случаи, вклучително и Раштански лозја, случаи кои не се во надлежност на Хашкиот трибунал, владата најсериозно ќе пристапи и Министерството за внатрешни работи е задолжено да ги преиспитува таквите случаи“,

изјави владиниот портпарол Сашо Чолаковски.

Меѓународниот притисок за затворање на случајот особено се засили по нападот врз македонскиот почесен конзулат во Пакистан и поврзувањето на инцидентот со можна одмазда за убивањето на Пакистанците за кои се тврди дека се илегални емигранти кои биле на пат за Грција каде сакале да работат. Македонското барање за ефикасна истрага за нападот во Карачи се соочи со реципроцитет, оценува професорот по меѓународно право Љубомир Фрчкоски:

„Потребно е ние таа работа сами да ја завршиме. Паралелно со тоа што бараме истрага за откривање на виновниците за инцидентот во Пакистан, потребно е ние да ја завршиме нашата истрага со очигледно ладнокрвното убиство на економските емигранти од Пакистан направено овде од нашата полиција.“

Но, за волја на вистината, независно од Карачи, меѓународната позиција за Раштански лозја останува непроменета. Уште во ноември, амбасадорот на НАТО Николас Бигман, барајќу ефективна истрага за случајот, во контекс на излагањето за македонските шанси за членство во алијансата, рече: „Ова не е прашање што ќе исчезне само по себе и доколку Македонија преземе иницијатива за негово решавање, ќе наиде на голема меѓународна поддршка“.
XS
SM
MD
LG