Достапни линкови

Официјална покана за членство за десет земји


Европската Унија официјално покани десет земји од Централна и Источна Европа да и се приклучат што е најголемо проширување во историјата на Унијата. Конечните финансиски услови за проширувањето беа договорени синоќа на самитот на Европската Унија во Копенхаген. Со тоа Кипар, Чешката Република, Естонија, Унгарија, Летонија, Литванија, Малта, Полска, Словачка и Словенија на први мај две илјади и четврта година стануваат нови членки на Унијата која тогаш ќе брои дваесет и пет земји со популација од четиристотини и пеесет милиони луѓе. Данскиот премиер Андерс Расмусен по дванаесетчасовните вчерашни преговори изјави дека проширувањето ќе ги замени декадите на поделеност од Студената војна со заедничка визија за обединета Европа.

„На нашите нови членки им посакувам топло добредојде во нашето семејство. Нашата нова Европа е родена.“

изјави Расмусен. Договорот за проширување беше постигнат откако евролидерите се согласија за мало зголемување на финансискиот пакет понуден на земјите кандидати со цел олеснување на нивното членство во Унијата и тоа во првите две години. Понудени беа четириесет милијарди и четиристотини милиони евра – договорени се уште нови четиристотини милиони. На самитот во Копенхаген беше потпишана и декларација за поддршка на влегувањето на Бугарија и Романија во Унијата во две илјади и седма година и беше потврдена европската перспектива на земјите од Западен балкан кои веќе имаат статус на потенцијални кандидати. Пораката е дека ги чекаме, изјави претседателот на Европската комисија Романо Проди. Исто така е решено асоцијативните преговори со Турција да започнат кон крајот на идната година. Официјален Вашингтон ја поздрави одлуката на проширување на Унијата како смел и историски чекор. Во изјавата се додава дека оваа одлука ги зацврствува долготрајното партнерство и заедничките вредности и интереси што ги споделуваат Соединетите Држави и Европските земји.
XS
SM
MD
LG