Достапни линкови

„Лавовите“ ќе бидат трансформирани


По ревизијата во МВР државниот инспекторат утврдил дека од вкупниот број членови на единицата за брза интервенција „Лавови“ кој изнесува над 1,000 припадници, само девет од нив ги исполнуваат условите за прием во единицата.

„Од овие илјада сто и кусур за коишто нема согласност никој не ги исполнува условите. Значи, немале законско право, ниту министерот да потпише таков договор дека ги прима на работа. Ако земете се, излегува дека само девет луѓе исполнувале услов. Независно од тоа што некои се закануваат дека нема да го положат оружјето, дека нема да направат ова или она, МВР ќе си постапи по законите, и ќе изврши трансформација на таа единица. Не само на таа единица, туку и на вкупното работење на МВР,“

изјави министерот за внатрешни работи Хари Костов. Тој најави дека во тек е истрага за злоупотребата на парите што требало да им бидат исплатени на „Лавовите“. Министерот Костов рече дека тој нема да се занимава со политичката одговорност на поранешните функционери во ова министерство.

„За мене во овој дел нема политичка одговорност, за мене овде има одговорност дали некој ги почитувал законите и дали работел по законите или не.“

МВР информираше дека барањата на резервниот состав за исплата на заостанатите плати почнало да се реализира, додека останатите барања, меѓу кои и за вработувања на резервистите не се законски поткрепени. За утрешните најавени блокади на патиштата низ државава од страна на резервистите од МВР со став:

„Министерството нагласува дека ќе ги преземе сите законски мерки во рамките на своите овластувања со цел попречување на блокадите на патиштата, а како резултат на тоа ќе бидат поднесени прекршочни и кривични пријави, против сите прекршители на законот,“

изјави портпаролот на МВР Мирјана Контевска. Таа додаде оти на утрешните протести не би требало да се очекуваат инциденти.
XS
SM
MD
LG