Достапни линкови

Без повеќе информации случајот е мистерија


„Ова ние доаѓа како мистерија. Кога не се знае вистинскиот причинител, тогаш не можеме да дадеме точни информации што се случува,“

со овие зборови министерот за здравство Реџеп Селмани денеска се обиде да даде објаснување за причината поради која учениците од албанска националност од Куманово веќе една недела пријавуваат симптоми на труења во повеќе клиники во државата.

„Немаме некои позитивни резултати или сознанија дека се работи за некој резервоар или начин на пренесување на евентуалното труење врз учениците.“

Во разрешувањето на овој случај министерот за здравство смета дека треба да бидат вклучени и други институции

„оти, тука не е имплициран само здравствениот аспект, туку се имплицирани и други аспекти – на пример, образовниот и сигурносниот аспект.“

Прашање дали предлогот за министерот за здравство за вклучување други институции кои излегуваат надвор од доменот на медицината упатува дека министерот се сомнева оти некој намерно ги труе учениците Албанци.

„Не можеме да дадеме конкретни изјави за намерно или ненамерно труење, но тука треба да се вклучи и Министерството за внатрешни работи.“

Сепак се добива впечаток дека овој проблем дополнително се комплицира. Денеска се очекуваше дека во институтот за судска медицина во Скопје кој располага со најсовремена апаратура во земјава ќе бидат обработени и добиени најрелевантните резултати. Дали има причина за масовно труење на учениците или се работи за симулација.

„За жал, неопходно е сервисирање на апаратот за компјутерска обработка на материјалот,“

вели професорот Алексеј Дума, директор на институтот за судска медицина кој објаснува дека сервисирањето на апаратот е проблем кој лесно може да биде надминат, ако министерството за здравство го подмири заостанатиот долг за оваа услуга кон стручното лице од Белград кое е должно да го сервисира апаратот, а кому институтот подолго време му должи пари. Меѓутоа, министерот Селмани го исклучува таквото решавање на проблемот.

„И кога би имале финансиски средства, тоа е процедура која трае долго.“

Селмани сепак се надева дека случајот сепак може да биде некако решен и оти помош ќе биде побарана и од светската здравствена организација во делот на стручноста и техниката.
XS
SM
MD
LG