Достапни линкови

Турција даде дозвола за користење на воздушните бази


Клучниот дел на американската воена коалиција Турција се чини дека си дојде на местото откако Анкара соопшти дека ќе им дозволи на сојузничките воени авиони да ги користат воздушните бази во кампањата против Ирак доколку таа биде одобрена од Советот за Безбедност. Но, во Вашингтон се уште постои загриженост дека во Турција би можело да еруптира антизападното расположение доколку Европската Унија не ги зголеми надежите на Анкара за влез во Унијата.

Со согласноста на Турција, условно Соеднитетите Држави ја исплетоа мрежата на воена поддршка од земјите околу Ирак – а тоа се: Катар, Кувајт, Оман, Бахреин и по се изгледа - Саудиска Арабија.

„Доколку дојде до војна, тогаш секако ние ќе соработуваме со Соединетите Држави, бидејќи тие се голем сојузник.“

изјави шефот на турската дипломатија Јашар Јакиз по разговорите во Анкара со неговиот британски колега Џек Строу. Меѓутоа, веднаш потоа, турското минстерство за надворешни работи со соопштение ги разјасни коментарите на Јакиз, наведувајќи дека тој говорел за можности, а не за цврста заложба. Турскиот печат оцени дека соопштението било издадено за домашна употреби и оти Вашингтон и Анкара постигнале широк договор со кој во евентуалната војна против Ирак, Турција би можело да игра голема улога. Во замена за тоа, Соединетите Држави, како што пишува весникот Џумхуриет, ги задоволил главните барања на Турција, како превенција на создавањето Курдска држава во Северен Ирак и компензација на економските загуби предизикани од војната.

„Ние ќе откриеме, во наредните денови, што точно Турција потпишала. Претпоставувам дека тоа е многу повеќе отколку што знаеме во моментов.“

вели за Радио Слободна Европа Булент Алириза – директор на турската програма во Центарот за Стратегиски и меѓународни студии со седиште во Вашингтон. Според него, Соединетите Држави се загрижени дека нивните краткорочни планови во врска со Ирак ќе бидат нарушени доколку Европската Унија не успее да постигне договор да започне асоцијативни разговори со Турција. Тоа би придонесло за пожестоки анти западни реакции во земјата во која новата владејачка партија има исламистички корени:

„Ксенофобичната реакција во Турција би можело да влијае врз сегашната влада во врска со американските потреби.“

наведува Алириза. Турската поддршка е многу важна за Вашингтон особено по студените сигнали на Саудиска Арабија. Аналитичарите сметаат дека турската дозвола, и во случај Ријад да одбие да ја поддржи воената коалиција, им ја дава на американците клучната можност – а тоа е да го нападнат Ирак и од север и од југ.
XS
SM
MD
LG