Достапни линкови

Инспекторите за оружје влегоа во претседателската палата


Инспекторите на Обединетите Нации денеска, во потрага по оружје за масовно уништување, влегоа во ирачката претседателска палата. Претходно американскиот претседател Џорџ Буш изјави дека не постојат охрабрувачки знаци оти Ирак ќе ги исполни барањата и целосно ќе соработува со инспекторите.

За прв пат досега инспекторите за оружје посетија неколку места во палатата на председателот Садам Хусеин во централниот дел на Багдад. Оваа посета е предвидена со новиот мандат на инспекторите што им дава пошироки права и во потргата за оружје за масовно уништување треба да им биде дозволено да влегуваат насекаде каде што ќе побараат. Тие од минатата недела кога започна нивната мисија беа на неколку ирачки капацитети. За прв пат вчера инспекторите открија дека во една фабрика за ракети недостига опремата етикетирана од Обединетите Нации, како и неколку камери што пред неколку години беа поставени од претходната инспекција на Светската организација. Според ирачките претставници, опремата што недостига била уништена за време на сојузничките бомбардирања врз таа фабрика, додека камерите биле поставени на други постројки. Американскиот претседател Џорџ Буш оцени дека ова покажува оти не постојат охрабрувачки знаци дека Ирак ќе ги исполни барањата и целосно ќе соработува со инспекторите. Буш уште еднаш го предупреди Ирак да се придржува до датумот до кој треба да ги покаже сите негови програми за оружје:


„На или пред осми декември, Ирак мора да достави целосна и прецизна изјава за неговото оружје за масовно уништување и за балистичките ракети. Изјавата мора да биде веродостојна и комплетна. Во сротивно ирачкиот диктатор уште еднаш ќе му покаже на светот дека одбрал да не го менува своето однесување.“

Буш додаде дека секое ирачко одложување или измама и инат ќе претствува дуказ оти Хусеин го отфрла, како што наведе, патот на мирот. Според потпретседателот Дик Чејни, разуружувањето на Ирак е пресудно за да се победи во војната против тероризмот, бидејќи тоа оружје би можело да се најде во рацете на Ал Каида. Вашингтон, според портпаролот на Белата Куќа Ари Флејчер, поседува податоци дека Садам Хусеин има хемиско и биолошко оружје:

„Ние имаме разузнавачки информации за тоа што Садам Хусеин поседува. Мислам дека тоа не е тајна.“

изјави Флејчер. Претходно претседателот Буш наименува специјален пратеник за како што Белата Куќа ги нарекува слободните ирачани. Станува збор за Залмај Кализад-сегашен пратеник за Авганистан. Тој би требало да ги подготви ирачките опозициони групи за пост садамов Ирак.
XS
SM
MD
LG