Достапни линкови

42 милиони луѓе заболени ширум светот


Секоја година, Светскиот ден на СИДАТА е шанса за докторите, активистите, но и за политичарите да му обрнат внимание на овој глобален проблем. Во најновиот извештај на Обединетите Нации и Светската здравствена организација се вели дека повеќе од три милиони луѓе ќе умрат од последици поврзани со оваа болест. Но, има и мали сигнали на надеж дека епидемијата може да биде ставена под контрола.

Околу 42 милиона луѓе во моментов се заразени со ХИВ вирусот – пет милиони од нив се инфицирани во текот на оваа година, се вели во извештајот во кој се предвидува дека до крајот на деценијава уште 45 милиони ќе бидат зафатени со болеста и тоа во сиромашните земји во светот. Тука, посебно станува збор за потсхарска Африка и за јужниот дел на тој континент. Но, во извештајот се наведува дека болеста најбрзо се шири во земјите од Источна Европа и Централна Азија – таму годишно бројот на ново заразени се зголемува за една четвртина.

„Најбрзо епидемијата расте во Русија. Кој би помислил – Русија? Јас не, бидејќи таа никогаш не ни беше спомнувана. Знаев дека болеста е разулавена во Африка.“

изјави деновиве во Обединетите Нации американската актерка Вупи Голдберг. За прв пат по дваесет години откако се појави епидемијата-со ХИВ вирусот се заразени повеќе жени од мажи, што според експертите, е уште еден загрижувачки тренд. Сепак, во извештајот се додава дека постојат знаци на надеж, бидејќи, како што се наведува, преземените кампањи за спречување на ширењето на болеста, особено преку заштитата во сексот, покажале извесни резултати. Tака во некои делови на светот, како например во Етиопија и Уганда кои беа едни од најпогодените земји, е забележано опаѓање на бројот на заболените од сида. Експертите велат дека најважно за намалување на епидемијата е информирањето на младите како да ја избегнат:

„Ако имате земја во која кај помладите групи луѓе постои високо ниво на ХИВ инфекција тогаш тоа е многу негативен знак. Тогаш вие може да очекувате во наредниве години кога тие ќе остарат да ја зголемат опасноста за трансмисија на болеста врз младите генерации.“

вели епидемиологот Мишел де Грулар од програмата на Светската организација за спречување на сидата.
XS
SM
MD
LG