Достапни линкови

УНМИК нема мандат за демаркација на границата


УНМИК нема мандат да се вклучи во демаркацијата на граничната линија меѓу Македонија и СРЈ во делот кон Косово, изјави цивилниот администратор на Косово Михаел Штајнер по денешната средба со македонскиот државен врв.

„Не е во нашиот мандат да го сториме тоа и тоа не беше на маса,“

изјави Штајнер одбивајќи да ја коментира најавата на шефовите на дипломатиите на Македонија и СРЈ дека ќе побараат од меѓународните власти на Косово помош во демаркацијата.

Штајнер ја поздрави одлуката на македонската влада за отворање два нови гранични премини кај Танушевци и Стрезимир.

„Јас сум многу среќен што владата во Скопје се согласи да отвори два нови гранични премини. Тоа е добро зашто ја олеснува ситуацијата на теренот и слободата на движењето.“

УНМИК и македонските власти во Скопје потпишаа и протокол за полициска соработка. Тој овозможува размена на информации за организираниот криминал и терористичките активности, прецизираше Штајнер додавајќи:

„Треба практично да работиме заедно за да бидеме ефективни во борбата против тие феномени и затоа е потребна регионална соработка и чекор по чекор треба да стануваме поинтернационални отколку што е организираниот криминал.“

По разговорите со претседателот Трајковски, премиерот Црвенковски, вице-премиерот Муса Џафери и министерот за надворешни работи Илинка Митрева, првиот човек на УНМИК од Скопје замина со ставот дека оваа посета ги илустрира добрите и практични односи меѓу Приштина и Скопје.
XS
SM
MD
LG