Достапни линкови

Можни проблеми во натамошната постапка


По одлуката на кривичниот суд во Скопје случаите за злосторства направени за време на воената криза што досега се водеа во овој суд, да бидат отстапени во Хашкиот трибунал, останува дилемата како ќе постапат домашните институции со двајцата од петмината обвинети за грабнување и малтретирање кои остануваат во притвор. Според професорот по кривично право и поранешен министер за правда Владо Камбовски гледано генерално одредени проблеми околу натамошната постапката на нашите судови произлегуваат од фактот:

„Ние немаме усвоено закон за соработка со хашкиот трибунал како што тоа го имаат направено други држави, како што се Франција, Италија, Германија. Дури и Соединетите држави имаат склучено посебна спогодба за соработка со Хашкиот трибунал,“

вели Камбовски кој укажува оти со таквиот закон би било регулирано како понатаму би се спровела целата постапка пред Трибуналот, во случај на комплицирани ситуации:

„Ако некој кај нас се држи во притвор и е обвинет по неколку точки на обвиненија од кои едната точка се однесува на дела кои се во надлежност на Хашкиот трибунал, додека другите не се однесуваат. Понатаму, ако треба некое лице да сведочи пред Хашкиот трибунал и нашите судови треба да обезбедат негово сведочење пред трибуналот. Во отсуство на таков закон, останува отворено и прашањето на правни лекови кое е едно начело во кзнената постапка – против секое решение да постои право на жалба.“

Во отсуство на закон за соработка со трибуналот останува да важи предлогот на Хашкиот трибунал двајцата притворени да бидат ослободени односно да се бранат од слобода и да платат одредена кауција како гаранција од нивно евентуално бегство. Извесно е дека кога Хашкиот трибунал ќе ја преземе постапката тогаш нашите судови се должни да ги предат сите предмети на трибуналот односно одлуката што ќе ја донесе трибуналот ќе биде дефинитивна обврзувачка за нашите судови.
XS
SM
MD
LG