Достапни линкови

Предадени четири случаи на Хашкиот трибунал


Основниот суд Скопје 2 одлучи да предаде во надлежност на Хашкиот трибунал четири предмети што произлегоа од минатогодишниот конфликт во Македонија, соопшти на денешната прес-конференција претседателот на судот Бојан Ефтимов.

Се работи за случајот Љуботен, малтретирањето на работниците на градежното претпријатие "Маврово", затворањето на вентилите во Липковското езеро и за воени злосторства сторени од раководството на поранешната Ослободителна национална Армија (ОНА). Со овие предмети во скопскиот суд беа опфатени вкупно 35 лица, како и се уште неоткриени сторители, рече Ефтимов, додавајќи дека предметите се процесуирани вчера, со што е запазен рокот за предавање на документацијата во Хаг.

Во врска со петтиот случај, за постоењето наводна масовна гробница кај селото Непроштено, претседателот на скопскиот суд информираше дека предметот е во надлежност на Окружниот суд во Тетово.

Одлуката на Основниот суд Скопје 2 утре ќе им биде доставена до странките, обвинетите, нивните бранители, Јавното обвинителство и до Министерството за правда, кое ќе ги проследи до Трибуналот. Беше најавено и дека во текот на денешниот ден Ќе бидат повлечени потерниците според сите лица опфатени со споменатите предмети.

Претставниците на меѓународната заедница изминатата недела побараа од надлежните институции во Македонија неодложно да ги предадат побараните предмети во надлежност на трибуналот, предупредувајќи дека одлагањето може да предизвика сериозни последици.
XS
SM
MD
LG