Достапни линкови

Вратите на НАТО остануваат отворени за Македонија


Бугарија, Естонија, Летонија, Литванија, Романија, Словачка и Словенија се седумте поранешни комунистички земји кои денеска на самитот на НАТО во Прага добија официјална покана да и се приклучат на Алијансата во две илјади и четврта година. Станува збор за најголема експанзија на Алијансата во нејзината пеесет и три годишна историја. Американскиот претседател Џорџ Буш ја поздрави одлуката додавајќи:

„Америка е многу задоволна од денешната одлука. Веруваме дека со тоа се засилува нашиот најважен сојуз – НАТО. Со приемот на седумте членки ние не само што ќе ги зголемиме нашите воени можности, туку и ќе го освежиме духот на оваа голема демократска алијанса.“

изјави Џорџ Буш. Генералниот секретар Џорџ Робертсон со порака и за оние земји кои не влегоа во овој круг на НАТО проширувањето:

„За оние аспиранти кои денеска не се поканети за започнување на овој процес, пораката е дека вратата за нивно членство во НАТО останува отворена. Денешните покани нема да бидат и последни. Преку Акциониот план за членство ќе им помогнеме во нивната целосна интеграција во евроатлантското семејство.“

изјави Џорџ Робертсон. Германскиот канцелар Герхард Шредер рече дека тие земји имаат постигнато прогрес:

„Верувам дека ние исто така ќе разјасниме како на вистински начин да го признаеме напредокот направен од Албанија, Македонија и Хрватска во нивните подготовки.“

Во завршната декларација од денешниот самит во која се наведува дека НАТО ќе им помага на Македонија и на Албанија за да достигнат стабилност, безбедност и просперитет. Во документот се додава дека двете земји остануваат предвид да станат членки на Алијансата во иднина. Што се однесува до Хрватска тоа е условено со обврската на Загреб да соработува со Хашкиот трибунал. На самитот беше поддржан американскиот предлог за формирање сили за брза реакција кои би требало да бидат целосно оперативни до двеилјади и шеста година. Лидерите на НАТО се согласија да ги поддржат напорите на Обединетите Нации за разоружување на Ирак, но не понудија некаква колективна акција. Претходно Вашингтон упати сигнали дека нема планови да бара од НАТО помош во справувањето со ирачкиот проблем. Делот од Прага – Конгресниот центар, каде што се одржува самитот е целосно затворен од полицијата. Таму денеска не дојде до најавени големи протести на анархистите и антиглобалистите. Пред центарот се собраа околу илјада од нив. Протестот мина без инциденти.
XS
SM
MD
LG