Достапни линкови

Супер пратеници ќе ги решаваат евентуалните спорови


Тоа што нема да можат да го решат 120 пратеници треба да го направат 19 супер пратеници, вели магистар Рената Дескоска асистент по политички систем коменирајќи ја улогата на Комитетот за односи меѓу заедниците за кој собранието на последнaта седница одлучи во што покус рок да се изберат неговите членови.

„Доколку настане спор со процедурата или дали станува збор за закон којшто се однесува на прашање кое што директно некого засега, да речеме образование, или употреба на симболи на малцинските заедници, Комитетот за односи меѓу заедниците треба да го реши тој спор. Е сега, на 19 пратеници им давате да решаваат спор којшто се јавил во работата на 120 пратеници, значи на некој начин продуцирате супер 19 пратеници коишто треба да го решат она за што ќе се договорат 120 пратеници.“

Овој комитет треба да го сочинуваат седум пратеници Македонци, седум Албанци и пет од редовите на другите заедници со што се губи паритетениот состав на досегашниот Совет за меѓунационални односи, посочува Дескоска.

„Веќе се воведува еден облик на побројно претставување на едни заедници за сметка на намалено претставување на други. Исто така интересно е што сега членови на Комитетот за односи на заедниците се пратениците. Доколку некоја од заедниците нема свој пратеник во Собранието, во тој случај е воведено едно чудно решение, народниот правобранител во консултации со релевантните членови на тие заедници да ги предложи тие членови на Комитетот. Може да настанат проблеми околку толкувањето на оваа одредба, во смисла сепак кој се релевантините претставници на заедниците, а и на народниот правобранител му се дава една чудна надлежност во сфера во којашто тој вообичаено во светот нема некои посебни надлежности.“

Ефикасноста на овој Комитет зависи од тоа како ќе се наметне персоналниот состав и за каква позиција ќе се избори во функционирањето на односите во собранието смета магистар Рената Дескоска

„Јас се надевам дека комитетот зајакнат со самото тоа што тука седат пратеници коишто на некој начин ќе може да влијаат на своите колеги во парламентот во решавањето на меѓунационалните односи, се надевам дека ќе имаат поголема улога отколку што имаше Советот за меѓунационални односи.“

Согласно новите уставни промени не е предвидено со Комитетот да раководи претседателот на собранието како што беше досега со Советот за Меѓунационални односи. Претседателот на Комитетот ќе се избира меѓу 19 членови на ова тело.
XS
SM
MD
LG