Достапни линкови

Професионализам, а не реваншизам


Во МВР мора да се работи стручно, професионално и во согласност со законот. Ваквиот начин на функционирање на оваа институција не може да се сфати како реваншизам, истакна новиот министер за внатрешни работи Хари Костов, кој оценува дека работата во голема мера ќе зависи од однесувањето на албанскиот коалиционен партнер ДУИ.

„Не може да се стави никаква забелешка на она што ДУИ го прокламира како дел од своето работење во идната влада. Прокламираат исто, унитарен карактер на оваа држава, дека нема да има федерализација. Прокламираат стабилност, интеграција на регионите коишто и ден денес не се под целосна контрола итн. И она што е исто така важно дека и тие исто така влегуваат во битката против митото, корупцијата, организираниот криминал што за мене навистина претставува рак рана на ова општество.“

За судбината на припадниците на единицата за специјални намени „Лавови“ тој со став:

„Се она што значи професионалец, стручен, човек којшто нема криминални работи во своите досиеја ќе се најде начин да се обезбеди и да се вклопи во одредени единици на МВР.“

Според Костов неговиот претходник Љубе Бошковски ги лажел припадниците на оваа единица бидејќи на околу 1,000 од нив никогаш не им бил регулиран работниот однос. Имало обиди тие да бидат вработени, но барањата од јули годинава до министерството за финансии за нивно вработување биле одбивани.

Новиот министер информираше дека станува збор за само 40 нови назначувања во оваа институција и најави:

„Трансформации во МВР ќе има. Трансформации и промени ќе има и во единицата „Лавови“. Меѓутоа, никој не може да кажува дека тоа е заради социјални случаи. Затоа што МВР и неговите единици не се социјална институција.“

Костов презентираше и низа аргументи кои говорат за финансиските малверзации на претходната гарнитура. Според него, поради неисполнетите финансиски обврски, буџетот на ова министерство веќе надминат за речиси една петина. Првиот човек на МВР најави дека од понеделник државниот ревизор ќе спроведе целосна контрола на финансиската состојба во министерството.
XS
SM
MD
LG