Достапни линкови

Потребно меѓународно воено присуство и во следните шест месеци


На првата средба на претседателот Трајковски со премиерот и со министрите со кои шефот на државата има поделени надлежности е разговарано за потребата брзо да се усогласи ставот околу странското воено присуство по истекот на мандатот на „Килибарните Лисици“ на НАТО.

„Од страна на претседателот беше најавена до крајот на неделата средба на која ќе се разговара за меѓународното воено присуство по 15 декември.“

рече министерот за одбрана Бучковски.

„Беше договорено дека веројатно експертските тимови ќе започнат да работат по седницата на владата во понеделник за во што покус рок владата излезе со став за нашите заложби и нашата проценка уште колку време е потребно меѓународно воено присуство во Република Македонија.“

На оваа средба прашањето не е детално разгледано, но се поголеми се шансите за останувањето на НАТО, рече Бучковски.

„Првичната проценка е дека ни се потребни меѓународни воени сили уште шест месеци.“

На средбата на која учествуваа премиерот и министерите за одбрана, надворешни и внатрешни работи е разговарано за идната соработка, како и за функционирањето за националниот совет за безбедност.

„Се договаравме и за тоа како ќе функционираме и како ќе изгледа кохабитацијата на дело. Веројатно ќе има промоција на новиот Совет за безбедност како советодавно тело на претседателот.“

Учеството на Албанците во Советот е извесно, но според Бучковски:

„Се разговараше за тоа дали ќе биде присутен Муса Џафери или некој кого ќе го определи ДУИ.“
XS
SM
MD
LG