Достапни линкови

Црвенковски најави враќање на мирот и борба против корупцијата


„Оптимистите велат на овие избори Македонија ја доби својата шанса. Песимистите велат на овие избори Македонија ја доби својата последна шанса. Добро е што и едните и другите веруваат дека и покрај планината од тешкотии што не очекува, имаме шанса. Ајде таа шанса сите заедно да ја искористиме.“

Со овие зборови мандатарот Црвековски ја заокружи визијата и побара поддршка на парламентот за составот на новата влада, што ќе биде посветена на враќање на мирот, стабилноста и борба против корупцијата. Црвековски вети скромна, работна владина екипа. Без реваншизам, посветена на исполнувањето на задачите што произлегоа од состојбата во која се наоѓаат сите во Македонија, како и исполнување на договореното од Охрид.

„Стоиме зад секој збор и секоја запирка. Ќе спроведеме се како што е договорено, ништо повеќе и ништо помалку,“

рече Црвенковски и порача:

„Она што ние Македонците мора да го разбереме дека Македонија ни припаѓа на сите подеднакво и дека никој нема ексклузивно право на нејзина сопственост. Нашите сограѓани Албанци треба да разберат и прифатат дека лојалноста кон сопствената држава, кон сопствената татковина е секогаш на повисоко ниво од лојалноста кон сопствениот етникум во други држави.“

Коалицијата со ДУИ доминантна во расправата и критиките што на адреса на Црвенковски ги упатија претставниците на ВМРО-ДПМНЕ, претставувајќи ја тезата дека зад новата влада стои заговор во кој учествуваат токму репрезентите на новата власт, заедно со дел од медиумите и меѓународната заедница.

„За мене е јасна визијата, јасна сликата што е тоа што треба да го одработи оваа нова коалиција. Повеќе од јасно е дека охридскиот договор е еден договор со кој вазната наречена Македонија еднаш засекогаш е скршена. Од сега натаму, ние ќе учествуваме на вториот дел, како едно парче од таа ваза треба под покровителството на меѓународната заедница да се припои кон едно големо Косово,“

рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски кој за веле предавство го обвини и претседателот Трајковски.

Предложената влада во која седум министерски места се за СДСМ, четири за ДУИ и три за ЛДП, ја има поддршката на мнозинството. Против неа се ВМРО-ДПМНЕ, либералите на Стојан Андов и ДПА.
XS
SM
MD
LG